Интервју со г-дин Иван Пешевски

Многу често, а особено во летниот период, кога се смета како најкритичен период, сме сведоци на голем број повреди, па и настапување на смрт на градежните работници. „Екстремно тешките услови во кои работат градежните работници и ризикот со кои се соочуваат секојдневно, понатаму подигање на свеста на самите работници да внимаваат сами на себе и колегите во опкружувањето, допридонесуваат да оваа област биде една од понеимуните на повреди и смртни случаеви”- вели заменик претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија, г-дин Иван Пешевски. Целосното интервју проследете го во продолжение:

Кои се главните проблеми од областа на безбедност и здравје при работа со кои се соочуваат градежните работници?

– И покрај законската регулатива на Европската унија и препораките по однос на ова прашање генерално имаме проблем во нивната примена. Лично сметам дека поголемиот број од повредите и жртвите произлегуваат од непримената на законите и правилниците кога е безбедноста и здравјето во прашање. Исто така, екстремно тешките услови во кои работат градежните работници и ризикот со кои се соочуваат секојдневно, понатаму подигање на свеста на самите работници да внимаваат сами на себе и колегите во опкружувањето, допридонесуваат да оваа област биде една од понеимуните на повреди и смртни случаеви.

Од кои причини најчесто се случуваат повреди и смртни случаи во градежништвото?

– Врз основа на претходното прашање сметам дека главна причина е експлоатацијата на самите работници односно прекувремената работа од која произлегуваат замор и деконцентрација при што настануваат повреди и во краен случај смрт. Врз основа на овие сознанија и барањето начин како да ги заштитиме градежните работници произлезе и иницијативата на СГИП за промена на Правилникот за бенифициран стаж за што повозрасните работници нема да бидат повеќе изложени на работни места со висок ризик, а сите сме сведоци на високата граница на старост на нашите градежни работници и нивната психо-физичка исцрпеност.

Дали често се случуваат повреди поради недоволна обученост при ракување со материјали и алати?

– Можеби не се случуваат често, но кога ќе дојде до повреда во најголем процент тоа е причината.

Дали сметате дека има  промена во свеста на работодавците и работниците во насока на безбедност и здравје при работа?

– Не е на завидно ниво и затоа како синдикат за градежништво години наназад се залагаме да покрај обука на работниците има и обука на работодавачите. Затоа СГИП со донесување на измените и дополнувањата на Законот за Безбедност и здравје при работа почна прв а можеби е и единствен во вршење обуки на претставнците на работниците за БЗР кои без соодветна обука не можат повеќе да бидат претставници на работниците за БЗР. Што се однесува на обуките како и обезбедување на заштитна опрема, согласно Закон, задолжени се работодавачите, во смисла на обезбедување на истата.

На 15.09.2016 год.присуствувавте во едукативниот центар за БЗР, во Македонското здружение за заштита при работа, на работен состанок кој е дел од регионалниот проект„Зголемување на капацитетите и зајакнување на улогата на регионалните организации за подобрување на условите за работа и дијалог со јавните инситуции”. На кој начин сметате дека ќе се подобри интеракцијата и дијалогот меѓу споменатите чинители?

– Само на еден и единствен начин а тоа е со меѓусебни редовни средби и размена на искуства како и добри пракси од регионот и светот. Работиме на подобрување на условите за работа како и мерките за обезбедување безбедни и здрави работни места. Свеста според мене може да се подигне само преку континуирани обуки на работниците и претставниците на работниците за БЗР, но и на самите работодавачи. Дијалог помеѓу трите партнера односно синдикатите, работодавачите и владата, по ова прашање мора да постои на највисоко ниво како и активно користење на професионалните организации кои ја третираат оваа област, преку користење на нивната стручност.

Кои се планираните активности на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија?

– Врз основа на Законот за БЗР и неговата примена СГИП има изготвена Програма за БЗР како и Правилник за спроведување на активностите за Безбедност и здравје при работа. Како во изминатиот така и во наредниот период, СГИП ќе продолжи со спроведување на својата Програма и ќе врши редовни обуки на претставниците на работниците за БЗР преку своето координативно тело за БЗР. За оваа цел ќе користиме искуства од научната и стручната фела во Република Македонија од областа на БЗР.  За нас најважна цел е работниците здрави да појдат на своите работни места и живи и здрави да се вратат кај своето семејство. Како синдикат немаме потешкотии во реализирањето на зацртаните активности, но се надеваме со уште посилно темпо да обезбедиме подобри услови за нашите членови преку строго утврдени програмски цели каде без соодветна обука и издаден сертификат не би дозволиле избор на претставници на работниците за БЗР. Она што е планирано за оваа година е покрај актуелните теми од областа на Безбедност и здравје при работа да продолжиме со обуки за подигнување на свеста на работниците преку наши обучени кадри од органите и телата на СГИП кои ги поминале сите потребни обуки организирани од страна на СГИП.

Hits: 37

Posted in Новости, Прес / Медиа.