Земјоделството – минско поле за македонскиот работник

Анализите на Македонското здружение за заштита при работа покажуваат дека речиси по еден работник гине секоја недела како последица на работните услови, а речиси и да нема вработен без професионално заболување

Речиси секоја недела во Македонија на работното место гине по еден работник како последица на работните услови, а скоро и да нема вработен кој не заболува од професионална болест. Оваа црна статистика опстојува со децении, но и покрај тоа се уште не се креира превентивна култура, а дури 85 отсто од работниците не знаат дека постои Закон за безбедност и здравје при работа.

Ова се сознанија на Македонското здружение за заштита при работа, кое постои цели пет децении и е едно од најстарите во државата. Според податоците со кои располага Здружението, како што вели неговиот претседастел Милан Петковски, земјоделството е вистинско минско поле за македонскиот работник.

– Иако постои мислење дека во Македонија најчесто се гине не градилиштата, минското поле кое најмногу ни ги одзема вработените, всушност е земјоделството. Потоа следува градежништвото, па индустриите со тешки и обоени метали, објаснува тој и додава дека од анализите што ги правело Здружението, профилот на работникот кој најчесто гине на работното место е следниот: маж на возраст од 40 години, вработен во земјоделството во источна Македонија, кој го губи животот во јули, на средина на неделата. Земјоделците најчесто гинат во несреќи со трактор.

Според Петковски, она што професионалците од областа заштита при работа не можат да го сфтатат е зошто всушност пораката не допира ниту до вработените, но ниту до дел од работодавците, иако симулациите правени според пример од Велика Британија покажуваат дека повредата на еден работник со плата од 12.000 до 13.000 денари за три месеци работодавецот ги чини 2.500 до 3.000 евра, за плаќање на лекарските трошоци, обезбедување друг работник на неговото место и слично.

Доволно свест за безбедноста и здравјето при работа немаат ниту лекарите ниту други стручни лица.

– Се обидуваме да ја подигнеме таа свест преку обуки, разни кампањи, гостување во медиуми. Но она што го забележавме од другата страна е дека колку и да си зборуваме ние како стручни лица по безбедност при работа, сепак не успеваме да го пробиеме мразот, поточно не успеваме да дојдеме и до последниот вработен и последниот работодавец во Република Македонија и да ја пренесеме пораката дека е многу подобро да се спречи отколку да се лекува, вели Петковски.

Според него, ситуацијата не е таква само во нашата земја, туку и на целиот Балкан. Затоа промената ќе се бара со заеднички сили, преку европски проект, во кој освен Македонија се вклучени уште и Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.

(С.Ву.)

Извор: http://vecer.mk/ekonomija/zemjodelstvoto-minsko-pole-za-makedonskiot-rabotnik

Posted in Новости, Прес / Медиа.