МЗЗПР: 40-тина смртни случаи годишно при повреда на работно место

Паднал од скеле, загина работник на градилиште, повреден тракторист. Секојдневно се повредуваат и гинат работници на своите работни места.

Годишно во просек 40-тина работници ги губат животите, а стотици се повредуваат додека извршуваат работни задачи. Од здружението за заштита при работа велат дека за црната статистика одговорни се работодавачите, но и самите работници.

Газдите најчесто ги воведувале мерките само на хартија, колку да се заштитат од инспекција, а законските одредби ги сметаат за дополнителен и непотребен трошок. Сепак, велат дека фирмите многу повеќе ги чини ако работникот се повреди и не доаѓа на работа. Доколку платата на работникот е 200 евра, ако тој се повреди, фирмата ќе ја чини 2.500 евра во наредните 3 месеци.
Ни самите вработени не си ги знаат правата. Дури 85% не знаат како нивните работодавачи треба да ги заштитат на работното место, ниту пак каде можат да се обратат при повреда на работа.
Најголемиот број од смртните случаи и повреди на работа се случуваат во земјоделството, при управување со механизацијата – најчесто трактори. Во најризичните сектори се вбројуваат и транспортот, градежништвото и црната металургија.
Тања Попова

Hits: 0

Posted in Новости, Прес / Медиа.