ИНТЕРВЈУ СО Д-Р АНЕТА АТАНАСОВСКА – СПЕЦИЈАЛИСТ ПО МЕДИЦИНА НА ТРУДОТ, ИНСТИТУТ ЗА МЕДИЦИНА НА ТРУДОТ НА Р. МАКЕДОНИЈА – СКОПЈЕ, СЗО КОЛАБОРАТИВЕН ЦЕНТАР

Аерозагадувањето во комбинација со екстремно ниски температури има силен негативен ефект на експонираните работници. На оваа тема разгоравме со Д-р Анета Атанасовска – специјалист по медицина на трудот, Институт за медицина на трудот на Р. Македонија – Скопје, СЗО Колаборативен Центар:

1. Eфекти на студените бранови и загадениот воздух врз здравјето на експонираните работници?
Во име на Институтот за медицина на трудот на Р. Македонија и во мое лично име, сакам да Ви се заблагодарам на поканата за ова интервју и за можноста, во деновиве на ниски температури да проговориме за ефектите на студеното време врз здравјето на експонираните работници. Ниските температури, особено екстремно ниските температури претставуваат специфичен професионален ризик за работниците кои работат на отворено – во надворешни услови во: градежништво, земјоделие, лов и риболов, шумарство, сообраќај (автобуски и такси превоз, железница, надворешни работници на аеродроми, одржување патишта), дистрибуција на поштенски пратки, комунална хигиена (диспозиција на комунален смет, чистење снег на улици и патишта, работници во паркови и зеленило), полиција, пожарникари и др. Покрај овие работници, експонирани на ниски температури се и работниците кои работат во внатрешни услови во затворен простор, во: прехрамбена индустрија – кланици, млекарници, месна индустрија, преработка на овошје и зеленчук, складишта и др.

· Ефекти на ниските температури врз здравјето на работниците:
Терморегулацијата е способност на човечкото тело да го регулира нивото на постојана телесна температура, со ослободување на топлината од телото во ист однос со нејзиното производство. При адаптација на организмот на ниски температури се јавува тресење (движење) на мускулите и намалена циркулација на крвта во периферијата, со цел да се задржи топлината што се создава во организмот. Во услови на експозиција на ниски температури, постојат и други фактори кои придонесуваат за дејството на ниските температури кај експонираните работници. Во овие контрибутивни фактори влегуваат присуството на ветер, брзината на струење на воздухот, влажноста на воздухот, топлинското зрачење, како и должината на професионалната експозиција на ниски температури, физичката активност кои сите заедно ги дефинираат условите на работа како и потенцијалните штетни ефекти врз здравјето на работниците. Со комбинација на амбиенталната температура и на брзината на ветрот се добива wind chill index ( индекс на студен ветер) со кој се одредува чувството на експонираната индивидуа за студ. Кога студот се комбинира со тешка физичка работа, со голем замор, со губиток на течности или кога одредени постоечки здравствени состојби се интензивираат со штетните ефекти од ниската температура може да дојде до одредени патолошки состојби, инвалидност, па дури и до смрт. Фактори кои ја зголемуваат опасноста од студот се: воздушното движење (силен ветер, интензивна вентилација); влагата од вода, алкохолот, или потење (влажна кожа, облека, обувки); недоволна облека (изложени прсти, стапала, нос, уши, непокриена глава); премногу облека (предебела или тесна облека која ја оневозможува циркулацијата, водоотпорна облека); ниско ниво на активноста (седење, стоење, возење); контакт со студен предмет (предметот ја одзема телесната топлина, на пр. директен контакт со метални орудија); замор, глад, жед (не се обновува изгубената топлина на телото) и др.

Екстремно ниските температури можат да предизвикаат општи и локални ефекти на организмот на експонираните работници. Во општи ефекти спаѓаат хипотермија – општо разладување на целото тело и имерзија – потопување на организмот во студена вода. Продолжената експозиција на многу ниски температури кај експонираните работници може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Најсериозните нарушувања се однесуваат на појавата на хипотермија – разладување на целото тело. Оваа појава бара итно медицинско згрижување, бидејќи во спротивно може да доведе до фатален исход. Во екстремни случаи, вклучувајќи ја и имерзијата (потопување) во студена вода, понатамошната експозиција може да доведе до смрт. Знаци за аларм и за ургентна медицинска интервенција се чувството на гадење, вртоглавица, замор, неконтролирана мускулна треска, нејасен говор, неспретни движења, раздразливост, еуфорија и конфузно однесување. Работниците со медикаментозен третман или оние со други заболувања имаат поголем ризик од појава на хипотермија. Други ефекти од студот се – локалните ефекти, како што се смрзнатици на изложените делови од телото-прсти, шаки, стапала, нос и уши, фисури на рацете, рововско стапало, смрзнатици со некроза на ткивото. При работа на отворено можно е делување на УВ зраците од сонцето (иритација и изгореници на кожата), а почести се и заболувањата на горните и долните дишни патишта со вдишување студен и сув воздух. Најновите истражувања покажуваат дека ниските температури делуваат синергистички со штетното дејство на аерозагадувањето врз здравјето на луѓето. Како и да е, иако не го предизвикуваат, температурните услови влијаат на прогнозата на аерозагадувањето. Важно е да се потенцира, дека ниските температури, често водат до појава на температурна инверзија (ладниот воздух останува во приземните слоеви и како потежок не се качува во висина), посебно на котлински локалитети како што е Скопје, а инверзијата, комбинирана со незначителен ветер, доведува до мешање на емитираните честички и гасови во воздухот во ниските слоеви, блиску до луѓето, при што доаѓа и до засилување на штетниот ефект. Аерозагадувањето или аерополуцијата претставува промена на хемискиот и физичкиот состав на гасовитата смеса на атмосферскиот воздух поради присуство на материи коишто не се нормални состојки. Загаден воздух пак претставува воздух што содржи гасови, пареи, аеросоли, и/или честички над законски пропишаните гранични вредности.

Аерозагадувањето има големо влијание врз здравјето на експонираните лица. Аерополутантите, според нивните физички особености се класифицирани како: аеросоли, гасови/пареи и честички (PM10 и PM2.5). Аерополутантите можат да имаат локални ефекти, односно да предизвикаат оштетување на респираторниот систем како и системски ефекти што се јавуваат после нивната апсорпција од белите дробови во крвта и дистрибуцијата низ организмот. Штетните ефекти на загадениот воздух се должат на следните механизми: иритативни, токсични, сензибилизирачки и канцерогени.

Респираторниот систем е главниот целен орган за дејството и ефектите на гасовите, аеросолите и честичките присутни во загадениот воздух. Голем е диапазонот на ефекти врз респираторниот систем предизвикани од дејството на гасовите, аеросолите и честичките присутни во загадениот воздух и се движи од реверзибилен локален одговор на репираторниот систем до долго-делувачки хронични ефекти: локална иритација, директно оштетување на клетките на епителот на респираторните патишта, алергиски одговор (на пр. астма) и канцер. Механизмите на дејство се различни за различни аерозагадувачи, на пример: oзонот предизвикува оксидативно оштетување на респираторниот епител, што резултира со појава на белодробна инфламација, намалување на белодробната функција, влошување на симптомите кај хронична респираторна болест и зголемена реактивност на респираторните патишта. Честичките присутни во загадениот воздух, преку зголемен оксидативен стрес, може да го нарушат интегритетот на ендотелните клетки на респираторните патишта кои се бариера, и со тоа да предизвикаат дисфункција на респираторниот систем. PM10 и PM2.5 честичките се респирабилни (инхалаторни) честички кои се доволно мали да можат да пенетрираат (да навлезат) во терминалните делови од дишното стебло. Здравствените ефекти од дејството на овие PM честички се добро познати и настануваат како резултат на краткотрајна (часови, денови) и долготрајна (месеци, години) експозиција и вклучуваат: респираторни и кардиоваскуларни заболувања, влошување на астма, респираторни симптоми и зголемен број на хоспитализирани пациенти; смртност од кардиоваскуларни и респираторни заболувања и белодробен карцином.

Аерозагадувањето во комбинација со екстремно ниски температури има силен негативен ефект на респираторниот систем. Ниските температури може да дејствуваат на респираторниот систем на различни начини не само кај ранливите категории лица (стари, деца, бремени и др.) туку и кај здравите луѓе. Дишењето на ладен воздух предизвикува разладување на назалната и брохијалната мукоза, сериозно нарушувајќи ја подвижноста на цилијарниот апарат и последично намалување на имуниот систем и отпорноста кон респираторните инфекции. Експозицијата на ладен воздух исто така може да го зголеми бројот на гранулоцити и макрофаги во долните дишни патишта кај здрави лица и да предизвика бронхоконстрикција и на тој начин експозицијата на ладен воздух се поврзува со патогенезата на состојби слични на астма. Одреден број студии, покажуваат дека честичките од чадот при горење на дрвја за огрев може да предизвика воспаление на белите дробови кај здрави лица.

Зачестеноста и тежината на болестите поврзани со експозицијата на загадениот воздух и екстремно ниските температури зависат од карактеристиките на професионалната експозиција (интензитет, зачестеност, физички напор), од ендогените фактори (генетски фактори, придружни болести и состојби и др.), како и од навиките (пушење, исхрана, физичка активност и др.) на експонираните работници.
Исто така, поради мразот и снегот, можни се и почести механички повреди, паѓања, ,скршеници и сл.
Со цел да се намалат и/или избегнат штетните влијанина врз здравјето на луѓето кои може да се јават како резултат на студеното време и студените бранови Владата на Република Македонија, во декември 2012 година, го усвои Акциониот план за превенирање на штетните влијанија и на последиците од студеното време и студените бранови врз здравјето на населението во Република Македонија. Спроведувањето на Планот започна во декември 2012 година, со воспоставување на систем за рано предупредување за студени бранови, преку соработка на здравствениот сектор, управата за хидро-метеоролошки работи и други релевантни институции, а со поддршка на СЗО, Канцеларија Скопје.

Планот се состои од пет фази: сива фаза (подготвителен период), зелена фаза (нема опасност), жолта фаза (предупредувачки температури), портокалова фаза (студен бран), црвена фаза (екстремно ниски температури ). Секоја од фазите вклучува однапред утврдени превентивни мерки и активности за информирање на населението, на стручните лица и на надлежните институции и организации.
Преку веб страницата studenibranovi.mk и можноста за андроидна апликација на алерт систем на телефон, се овозможува лесна достапност до информација за актуелната температура по региони во Република Македонија.

2. Препораки за заштита на работниците?
Институтот за медицина на трудот на Република Македонија и Службите за медицина на трудот преку својата секојдневна работа и активности се директно одговорни за унапредување и зачувување на здравјето на работниците во Република Македонија. Согласно, Законот за безбедност и здравје при работа, Службен весник на РМ бр 92/07 работодавачот е должен да обезбеди соодветни услови за работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците. Докторот – специјалист по медицина на трудот е соодветно информиран, обучен и подготвен за акција во услови на професионална експозиција на работниците на ниски температури, особено при работа на отворено, во зимскиот период. Резултатите од проценката на ризик од работата на студени работни места треба да бидат достапни до Службите за медицина на трудот (СМТ) при оценувањето на индивидуалната здравствена состојба и на работната способност на експонираните работници, како и за утврдување превентивни мерки на конкретни работни места. Службите за медицина на труд, ангажирани од работодавачот, имаат обврска за спроведување превентивни здравствени прегледи на работници кои работат во услови на ниска температура, согласно со Правилникот за видот, начинот и обемот на преве-нтивни здравствени прегледи на вработените ( Сл.весник на РМ бр.171/2010 г.). Доктор-специјалист по медицина на трудот, преку превентивни здравствени прегледи, ја следи здравствената состојба и работната способност на работниците кои работат на отворено и кои се изложени на ниски температури. Службите за медицина на труд имаат обврска да обезбедат соодветни информации за работодавачите и за работниците кои работат во услови на ниска температура за постоечкиот ризик, како и за примената на соодветни мерки за справување со ризикот од ниски температури.

Препораки за работодавачите: Да се воспостави политика и план на делување при работа, во услови на ниски температури; Да се препознаат условите на работа и работните места кои може да бидат опасни; Да се контролираат условите на работа на работното место и да се преземат соодветни мерки за безбедност при работа; Да се запознаат работниците со опасностите на кои се изложени при работа на отворено, на ниски температури, како и со мерките кои треба да се преземат со цел заштита на животот и здравјето на работниците; Да се запознаат работниците со знаците и симптомите на заболувањата и со можните повреди предизвикани од студ; Да се обезбеди основен прибор за прва помош и да се оспособат работниците за давање прва помош; Да се советуваат работниците како соодветно да се облекуваат при студено, влажно и ветровито време, вклучувајќи облека во слоеви, според променливите временски услови; Во екстремно студени услови, да се обезбедат кратки прекини на работата во топли засолништа; Да се организира работата во најтоплиот дел од денот и да се скратат периодите на работа надвор; Да се избегнува исцрпување и замор на работниците, бидејќи енергијата ќе им биде потребна за зачувување на телесна топлина; Да се користи аларм систем – работа во парови (а не изолирана индивидуална работа), за да може едниот работник кај другиот работник да ги препознае знаците на опасност; Да се обезбедат топли и засладени напитоци; Да се запомни дека работниците се соочуваат со зголемен ризик, доколку земаат одредени лекарства, ако се во слаба физичка кондиција или ако страдаат од одделни заболувања, како што се дијабет, хипертензија или други кардиоваскуларни заболувања.

Препораки за работниците: Работниците треба соодветно да се информирани за опасностите на кои се изложени при работа на отворено, во услови на ниски температури, како и со мерките кои треба да се преземат со цел заштита на нивниот живот и здравје. Работниците треба да се запознаени со знаците и со симптомите на заболувањата и повредите предизвикани од студ. Работниците треба да се оспособени за давање прва помош и да ги применат следниве акции: веднаш да се соблече влажната облека и обувки; изложените делови на телото постепено да се затоплуваат на собна температура; да се даде топла напивка доколку работникот е при свест. Доколку лицето е без пулс, да се пристапи кон реанимација и да се викне итна медицинска помош. Треба да се користи слоевита, комотна и топла облека за студено, влажно и ветровито време, со капи (со заштита на откриените делови од главата и вратот, на пр. со поткапа или со марама и сл.), соодветни обувки (комотни и со добра изолација од студ и влага), чорапи (две рала, подобро да се од синтетика), ракавици (со добра изолација од студ и влага). Треба да се консумираат поголеми количества топли, засладени напивки, а да се избегнуваат пијалаци со кофеин (на пр. кафе) и алкохол. Треба да се консумираат редовни топли оброци со висококалорична вредност.

Порака: За да се унапреди и сочува здравјето на работниците, посебно во услови на ниски температури и да се превенираат последиците кај експонираните работници, потребна е мултисекторска и координирана работа на следниве институции: Министерство за здравство, ДЗСИ, Комисија за климатски промени и здравје; Министерство за труд и социјална политика, Државен трудов инспекторат; Национален совет за БЗР; Министерство за животна средина и просторно планирање; Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје; Институт за медицина на трудот на РМ, Мрежа на СМТ; Итна медицинска помош; Управа за хидрометеоролошки работи; Центар за управување со кризи; Дирекција за заштита и спасување; Црвен крст; Организации на работници-синдикат, организација на работодавачи; Професионални здруженија (МЗЗПР, МЗМТ); СЗО-Регионална Канцеларија за Европа; СЗО Канцеларија, Скопје и други кои имаат интерес да се сочува и унапреди здравјето на работниците.

Подготвил,

Aндијана Зафировска

Posted in Новости, Прес / Медиа.