Што значи повреда на работно место?

Правото за платено отсуство од работа ви следува во случај на грип, паѓање на снег, повреда на работа…

 

Во случај на појава на заболување, повреда при патување на работа или повреда на самото работно место, на секој работник му е гарантирано право на отсуство од работа поради болест или повреда. Во согласност со Законот за работни односи и Законот за здравствено осигурување, секое вработено лице кое го искористило правото на отсуство од работа поради болест или повреда има право на надоместок на плата за време на периодот во кој било спречено да оди на работа.

За да го искористи правото на надоместок на плата поради болест или повреда, потребно е работникот да ги исполни следните услови:

–          Работникот треба да има непрекинат работен стаж од најмалку 6 месеци;

–          Придонесот за здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со максимално задоцнување од 60 дена;

–          Работникот треба да има потврда за привремена спреченост за работа издадена од матичниот лекар или лекарската комисија на Фондот.

Доколку работникот ги исполни горенаведените услови, првиот чекор кој треба да го направи е да се јави на преглед кај матичниот лекар или во најблиската медицинска установа за да ја добие првата помош. Потоа, треба да го извести својот претпоставен за настанатата повреда или болест, а работодавачот го известува инспекторот за безбедност и здравје и притоа ја подготвува потребната документација заедно со документите од медицинската установа. На крајот, целокупната документација се доставува до подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување. Доколку се утврди дека работникот го има влошено своето здравје како резултат на работната активност која ја извршува за својот работодавач, тогаш отсуството се смета за платено т.е платата е 100%.

Основицата за пресметување на висината на надоместокот на плата е просечниот месечен износ на исплатената плата на која е платен придонесот за задолжително здравствено осигурување во послените 12 месеци.

Висината на надоместокот на плата поради болест или повреда може да изнесува најмалку 70% од просечната месечна плата за претходните 12 месеци и најмногу 100% од просечната месечна плата за претходните 12 месеци, но не поголема од две просечни месечни плати за подолготрајна спреченост за работа.

Исплатата на надоместокот на плата за првите 30 дена е на товар на работодавачот, додека пак за отсуство подолго од 30 дена надоместокот го обезбедува Фондот.

Запирање или спречување на исплатата на надоместокот на плата може да се случи ако:

–          Работникот не се јави на лекарски или комисиски преглед или не се придржува до упатствата за лекување;

–          Се утврди дека работникот работи и остварува приход во времето на отсуство;

–          Работодавецот остварува приход без ниту еден вработено.

Во периодот 2014-2016 година, пријавени се вкупно 418 случаеви за повреда на работно место. Речиси една четвртина од вкупниот број на регистрирани повреди се случиле во периодот на зимските месеците декември, јануари и фебруари. Од друга страна, бројот на заболени работници е многу поголем меѓутоа истиот останува непознат поради тоа што голем дел од нив не ги знаат своите права или се плашат да поднесат пријави.

извор: http://www.vrabotuvanje.com.mk/news/povreda_rabotno_mesto

 

Posted in Новости, Прес / Медиа.