Конференција за безбедност и здравје при работа во компаниите

Подигнување на свеста за безбедноста и здравјето при работа на релевантните чинители за унапредување на бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа во Република Македонија и како да се најде заеднички дијалог и соработка меѓу граѓанските организации, државните институции и социјалните партнери.

Ова се целите на националната конференција за „Функционирање на бипартитниот дијалог за безбедност и здравје при работа во компаниите“. Организатори се Македонското здружение за заштита при работа и Сојузот на синдикатите на Македонија.

Конференцијата е последна активност од проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – Основно човеково право“.

Проект менаџерот од Македонското здружение за заштита при работа Весна Ристовска информира дека во рамки на проектот биле организирани десет информативни состаноци во десет града низ државата, со граѓански организации, државни институции, претставници на работадавачите и работниците.

– Од ситуацијата на терен може да се види дека работниците и работодавачите се соочуваат со проблеми во својата работна средина. Работниците не се информирани за правата и обврските во однос на безбедноста и здравјето при работа, права кои произлегуваат од Законот за безбедност и здравје при работа, Колективниот договор и општите акти на работодавачот. Постои ниска свест во однос на безбедноста и здравјето при работа и имаме недоследна примена на Законот за безбедност и здравје при работа, изјави Ристовска.

Таа појасни дека виделе компании кои максимално се залагаат за безбедноста и здравјето при работа на своите вработени, но, како што рече, има и компании кои сметаат дека инвестирањето е трошок.

Според неа, во Македонија треба да се спроведе формирање БЗР одбори во рамки на компаниите, кои функционираат во многу европски држави и доследна примена на законската регулатива.

– Големите компании веќе ја имаат препознаено придобивката од инвестирањето во БЗР и треба да се фокусираме на малите и средните претпријатија. Повеќе сектори се засегнати, текстилната индустрија, земјоделскиот и градежниот сектор, рече Ристовска.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски истакна дека без безбедни и здрави работни места нема напредок во општеството, нема обезбедување профит и сигурни работни места.

– Основното човеково право за здрави и безбедни работни места мора во Република Македонија на максимално ниво да биде имплементирано. Имплементирано е само ако се реализира преку едно заедничко дејствување на социјалните партнери, преку синдикатите, работодавачите со активно партиципирање на сите оние инструменти и механизми кои и стојат на располгање на државата да го спроведе тој закон и во претпријатијата, рече Митревски.

Претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски потенцира дека во Македонија уште треба да се работи на оваа тема и да се работи на култура на превентивно делување, односно сите заинтересирани страни да работат.

– Доколку ние стратешки заедно не пристапиме кон решавње на овој проблем, а тоа е губење на способната работна сила во Македонија реално ќе се соочиме со горката вистина дека и понатаму ќе тонеме во бездната на сиромаштија, на неедуцираност, на безизлезност, рече Петковски и додаде дека трендот од еден загинат на работното место и понатаму продолжува. Најави дека на 28 април ќе го објават Годишниот извештај за 2016 година.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров појасни дека формално-правно сите компании имаат направено проценка на ризик, проверка на условите за работење…

– И покрај тоа ни се случуваат несреќи. Законот треба да се имплементира директно на работното место. Залудно ќе бидат направените финансиски трошоци за сите проценки, ако тие не дадат резултат на самото работно место. Тие треба да се спуштат на работното место и да се имплементираат, да не останат само на хартија, рече Димитров.

На конференцијата присуствуваат повеќе од 80 учесници од Македонија и од регионот.

http://novamakedonija.com.mk/NewsDetail

Posted in Прес / Медиа.