Лани 15 работници умреле поради повреда на работа

http://www.utrinski.mk/?ItemID=D003862E7444B64983CA39117D4F1ED0

Лани 15 работници умреле поради повреда на работа

Според Советот за безбедност и здравје при работа во Македонија лани при работа се повредиле 1.480 работници а според Институт за јавно здравје имало 894 повреди при работа

Минатата година во Македонија умреле 15 работници како последица на повреда на работното место, а вкупно се регистрирани 1.480 повредени работници при работа. Ова се податоци со кои вчера по повод 28 април, Светски ден за безбедност и здравје на работа, излезе Советот за безбедност и здравје при работа на Македонија. Според Институт за јавно здравје, пак во државата се регистрирани 894 работници кои се здобиле со повреди при работа. Поради две различни статистики за повредени работници при работа, стручњаците се едногласни дека на Македонија и’ недостига единствен регистар за следење и пријавување на повредите на работа и професионалните болести кој би овозможил евидентирање и регистрирање на сите повреди на работа и професионални болести.

Јованка Караџинска-Бислимовска, претседател на Советот за безбедност и здравје при работа на Македонија, потенцира дека основната цел е да се превенираат повредите и заеднички да се работи на мерки и политики.

„Македонија има статистика што се води во Институтот за јавно здравје и другата во Државниот инспекторат за труд. Па, затоа треба да се воспостави единствен информатички систем и ќе се оди на усогласување на ЕУ-методологијата“, потенцира Караџинска-Бислимовска.

Градежништвото и преработувачката индустрија и натаму се двата црни сектори каде има најмногу смртни случаи од повреда на работно место. Слаѓана Андоновска од Државниот инспекторат за труд истакна дека бројот на смртни случаи во 2016 година е намален и оти се задоволни од порастот на свеста на работодавците што го следиме преку преземање пријави за сторен прекршок, каде што се забележува намалување.

Посочи дека се зголемил бројот на претставки од вработени кои пријавувале забелешки во однос на безбедноста и здравјето при работа и тој број во 2016 година изнесувал 152, а во 2015 година 92 претставки. Намалување е забележано и на изречените мандатни казни од 72 во 2015 година, на 20 во 2016 година.

Според Институт бројот на повреди на работа бележи пад и тоа за 27 отсто помалку во однос на претходната 2015 година кога биле регистрирани 1.222 повреди на работа. Стапката на повреди на работа, односно инциденцата изнесува 123,5 на 100.000 работници што во однос на 2015 година, кога стапката изнесува 173,1 на 100.000, има тренд на намалување за речиси 30 отсто.

Во структурата на вкупниот број на повреди на работа изминатата година (како и во претходните години) значително повеќе има повредени работници од машкиот пол. Така во 2016 година 662 повреди (74 отсто од сите повреди), се регистрирани кај работниците од машки пол, додека работничките учествуваат со 26 отсто, односно со 232 повреди на работа.

И натаму најголем број на повреди и тоа 356 се забележани во индустријата и рударството, што е 39,8 отсто од вкупниот број на регистрирани повреди во Македонија во календарската година. Во однос на 2015 година, бројот на повредите во индустријата и рударството е намален за 30,5 отсто. Во однос на 2015 година, бројот на повредите во индустријата и рударството е намален за 30,5 отсто.

На второ место се наоѓаат повредите регистрирани кај останатите осигурани лица каде се регистрирани 175 повреди т.е. 19,5 отсто од вкупниот број, што претставува намалување од 47 отсто во однос на претходната година. На трето место се наоѓаат повредите регистрирани во здравството и социјалната заштита. Станува збор за 161 повреда, а нивниот број е речиси непроменет во однос на 2015 година.

Повредите на работа што се случиле во секторот сообраќај и врски во 2016 година го заземаат четвртото место. Регистрирани се 46 повреди т.е. 5,1 отсто од нивниот вкупен број. Споредено со 2015 година во оваа стопанска дејност се бележи намалување на повредите на работа од 47 отсто.

Во градежништвото се регистрирани 10 повреди на работа, што претставува 1,1 отсто од вкупно регистрираните повреди во извештајниот период. Во истата дејност, во 2015 година се регистрирани 19 повреди.

Hits: 0

Posted in Новости.