Шумски полицаец прегазен со трактор во ресенско Избиште

Шумски полицаец е повреден претпладнево околу 10:30 часот во атарот на ресенското село Избиште, во обид за спречување нелегална сеча и транспорт на дрва.

Како што соопшти СВР-Битола, настанот се случил кога седум полицајци од шумската полиција со две возила преземале дејствија за спречување нелегална сеча и транспорт на дрвна маса во местото викано Избишки долишта. Шумскиот полицаец бил повреден при контрола на трактор со приколка, натоварен со дрва.

– Во тракторот со приколка натоварена со дрва и моторна пила, се наоѓале две машки лица. Шумските полицајци се обиделе да ја одземат моторната пила, но лицата давале отпор. Во препирањето едно од лицата успеало да се оттргне од местото на настанот и подоцна се вратило со мотор. На лицата им било објаснето дека тракторот и приколката ќе им бидат одземени и биле известени оти треба да ги однесат во дворот на Шумската полиција во Ресен. На пат кон Ресен возачот на тракторот извадил нож и замавнал кон командирот на Шумската полиција кој паднал, а потоа бил прегазен со приколката на тракторот, информира секторот за односи со јавност при СВР-Битола.

Шумскиот полицаец се здобил со тешки телесни повредни, скршеници на нозете и е пренесен на лекување во Битолската клиничка болница. За настанот е известено Јавното обвинителство и крим-техника кои вршат истрага за настанот.

Извор: http://www.press24.mk/shumski-policaec-pregazen-so-traktor-vo-resensko-izbishte

Visits: 94

Posted in Несреќи при работа.