Се уште висока стапката на несреќи на работа, потребна ревизија на постојниот закон

акедонија има прилично висока стапка на фатални несреќи на работното место во споредба со европските држави, иако од година во година се забележува намалување на бројот на несреќи на работното место. Само минатата година стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесувала 2,62 или на секои 100.000 вработени на работното место починале двајца до тројца работници што е релативно висока стапка во споредба со Велика Британија каде стапката на смртни случаи изнесувала 0,5.

Податоците со кои располага Македонското здружение за заштита при работа, а се однесуваат на 2016 година, покажуваат дека во Македонија лани се случиле 94 несреќи при работа од кои 19 биле со фатални последици. Висока е и стапката на повреди на работното место, односно на секои 100.000 вработени, минатата година се повредувале 13 работници на работното место.

Гевгелија е градот каде минатата година се случиле најголем број несреќи на работното место што се должи пред се на повредите на припадниците на безбедносните сили за време на бегалската криза. По Гевгелија следува Скопје каде има и најголема концентрација на работна сила, а потоа и Тетово. Од друга страна, најголем број смртни случаи на работното место минатата година се евидентирани во Велес.

безбедност и здравје при работа

Иако бројот на повреди и на несреќи на работното место во 2016 година е намален во однос на минатите години, сепак од Македонското здружение за заштита при работа велат дека ќе напредуваме на ова поле само доколку работодавачите сфатат дека инвестирањето во работниците е долгорочна инвестиција, а вработените дека е недозволиво правење компромиси со безбедноста и здравјето при работа.

– Најтешката работа е да се смени ставот дека секој е заменлив. Доколку работодавачите разберат дека вложеното во секој работник посебно е долгорочна инвестиција која не смее да се изгуби, а вработените разберат дека молчењето и правењето компромиси со безбедноста и здравјето е недозволиво, ќе почнеме да чекориме кон заздравување на отворените рани на македонското општество, вели Милан Петковски, претседател на Македонското здружение за заштита при работа.

милан петковски

Според него, и независноста, непристрасноста и пред се стручноста на инспекциските органи мора да биде на највисоко ниво со цел натпреварот меѓу двете страни (работодавачите и вработените) да биде во човечна и фер средина.

Законот за заштита и безбедност на работа, донесен во 2007 година, смета Петковски, придонел да се поместиме од нулта точка во однос на оваа проблематика, но после 10 години од неговата примена потребно да се направи ревизија и да се види неговата функционалност.

– Законот како и сите други законски решенија во Република Македонија е сведоштво за минимално договорените работи помеѓу сите социјални партнери. Така е и со Законот за безбедност и здравје при работа. Неговата примена во самата негова срцевина честопати претставува проблем, бидејќи за многу работодавачи е уште „една репресивна алатка” насочена кон работодавачите. За многу работници истиот е целосно една голема непознаница, за која не се свесни ни дека постои, се додека не се случи несреќа на работното место. Иако до сега во него е интервенирано (од 2007 година кога е донесен) осум пати (пет пати со измени во Законот и три решенија од Уставниот суд), сепак во суштина е Закон кој помогна една за’рѓана проблематика, како што е заштитата при работа да се мрдне од нултата точка во позитивен правец. Денес никој веќе не прашува дали треба да направи медицински испитувања на вработените, туку прашува кога да ги направи. Никој повеќе работодавач не прашува дали треба да се прави проценка на ризик на работното место, туку што содржи проценката на ризик, итн. Но сепак, како и секое решение, така и ова мора да биде предмет на тековна анализа и оценка. Затоа, на десетгодишнина од неговото донесување, предвидовме со Министерството за труд и социјална политика, социјалните партнери, како и стручната јавност, вклучувајќи го и Државниот инспектохрат за труд да направиме детална ревизија и да ја видиме неговата функционалност во целина, вели Петковски.

Негово мислење е дека треба да се изменат одредени нефункционалности и недоречености во законот, но сепак, вели, остава ова да биде предмет на општ консензус на стручната јавност.

безбедност и здравје при работа

Градежништвото, земјоделството, транспортот и рударството и понатаму остануваат сектори каде се случуваат најголем број повреди и несреќи на работното место, а во поново време стресот се посочува како еден од главните фактори кој влијае врз здравјето на работниците.

– За жал, и понатаму во Република Македонија се гине на работното место. Уште пострашно е тоа што немаме ниту пак јасна претстава како стоиме со професионалните заболувања во конкретни индустрии, или пак на ниво на држава. Црната статистика покажува дека ниту пак го имаме отворено прашањето за канцерогени супстанции на работното место, причинители на ракот како втор најголем убиец во Република Македонија, веднаш по болестите на срцево-крвните садови и мозокот. Доколку земеме впредвид дека на ракот му се потребни најмалку пет години да се развие до стадиум кој е животно загрозувачки, тогаш за многу од денешните смртни случаи предизвикани од рак, коренот е секако во работното опкружување. Но, пред оваа моја теза да предизвика бура од реакции, мора македонската научна јавност да излезе со конкретни анализи во однос на оваа проблематика. И што побрзо го направиме тоа, толку повеќе човечки животи ќе бидат спасени, нагласува Петковски.

безбедност и здравје при работа

Анализите направени од страна на ова здружение покажуваат дека најмногу смртни случаи има во вторник и во среда, а најголем број повреди на работното место се регистрирани во недела. Април се посочува како месец со најголем број несреќи на работното место, а пролетните и летните месеци како најризични за повреди и несреќи на работа.

извор: МИА

http://www.libertas.mk/se-ushte-visoka-stapkata-na-nesreki-na-r/

Visits: 104

Posted in Новости.