Повредените работници станаа нормална појава во нашата држава

Превземено од

Повредените работници – Работник
Автор: Бобан Илијевски

Не знам уште колку работници треба да се повредат, за да конечно надлежните органи преземат нешто конкретно. Како и секој човек со совест и чувства и мене ми е криво што невини луѓе кои заработуваат за живот се повредуваат поради тоа што немаат безбедни услови за работа. А, за тоа кој е виновен, ако не газдите за кои работат. Тука се поставува прашањето зошто не им купуваат заштитна опрема? Одговорот е очигледен, за да имаат повеќе пари за себе. Што значи дека на нив поважен им е профитот, отколку животот на работниците, односно оние работници кои се изложени на висок ризик. Она што е уште полошо, е тоа што нема никакви реакции од страна на надлежните органи. Сите велат „Инспекторатот за Труд ќе излезе на терен“, а никако да излезе. А, и што ако излезе… Паричките в џеб и ајде бриши дома инспекторе (мислам дека ме разбирате што сакам да кажам). Сум видел, затоа зборувам. Сум видел како инспектори се продаваат за три кутии колачи, што ми сугерира дека за неколку стотици евра без проблем би замижале.

Пред некој период имаше десетина повредени градежни работници во Куманово, повреден работник на ЕВН, повреден работник во Македонски Народен театар, повреден градежен работник во Штип, за кој газдата „глумел лудило“ дека не го познава. И ајде сега најди му го крајот. Македонското Здружение за заштита при работа – МЗЗПР постојано алудира на тоа да се преземаат мерки, но не гледаме дека некој презема нешто. Се останува на „ќе преземат“. Честичката „ќе“ означува некое дејствие кое ќе се случи во иднина, но дали во блиска или во далечна иднина, не се знае. Според МЗЗПР, минатата година во нашата земја имало вкупно 157 несреќи при работа од кои 124 се потешки повреди додека за жал 33 биле смртни случаеви. Ако ова не е доволна лекција, за тоа дека треба нешто итно да се преземе, тогаш не знам што е. Не ми е јасно уште што треба да се случи за да надлежните органи се освестат и почнат да постапуваат, како што е предвидено со Законот за безбедност и здравје при работа. По несреќата во Куманово каде беа повредени 10 градежни работници, Претседателот на МЗЗПР, м-р Милан Петковски на својот фејсбук профил напиша: „Министерство за труд и социјална политика да одвои средства за истражување и анализа на настанатата несреќа (несреќи) и следбено на таа анализа која ќе ја направиме од МЗЗПР во соработка со стручни лица за #БЗР и #СоветотЗаБЗР ќе предложиме стандарди за никогаш повеќе овие несреќи да не се повторуваат“. Од Министерството немаше никаква реакција дека ќе има такава анализа или пак дека ќе се преземе нешто конкретно, па по тоа можеме да заклучиме дека не ни се занимаваат со овој важен проблем.

Според мене, она што треба да се направи е следново: Секогаш кога работник ќе се повреди или не дај Боже ќе загине на работното место, газдата да оди пред вратата на неговото семејство и во очи да им соопшти дека тој човек кој е нечиј сопруг и татко или пак сопруга и мајка дека се повредил или погинал поради тоа што тој не сакал да вложи пари во неговата безбедност, за да работникот се врати жив и здрав на неговото семејство. И тоа ова да биде законски пропишано. Да видиме после како тие ќе соберат храброст да затропаат на вратите на оние кои биле жртви на нивната негрижа. Плус на тоа, повеќето од работниците (особено во градежништвото) не се осигурани и работат во сивата економија, па и да се повредат не им следува никакво обештетување. Сивата економија не е пријател на работникот, таа е најголем непријател и таа мора да се сузбие.

И само би сакал за крај да кажам дека токму и небезбедните услови за работа се една од причините зошто младите не сакаат да ги работат ваквите професии и поради тоа заминуваат од Македонија, во држави каде што ќе работат како градежници, но ќе имаат безбедни услови за работа. Се додека не се опаметиме, одливот на кадри ќе биде масовен и постојан.

Колумната е дело на авторот. Ставовите изразени во колумната во ниеден случај не се официјални ставови на Порталот Работник

Visits: 86

Posted in Новости.