Меѓународна конференција “ Дијалог за БЗР”

Македонско здружение за заштита при работа (МЗЗПР) во соработка со “Сојузот на синдикатите на Македонија” и “Организацијата на работодавачи на Македонија” успешно ја организираа меѓународната конференција  “Дијалог за БЗР”. Конференцијата ги отвори своите врати за земјите од ИПА регионот и се одржа во период од 29 до 30 септември 2020 година во Хотел „Изгрев“ – Струга. Меѓународната конференција за регионална соработка на граѓански организации беше клучен настан  за размена на информации и мислења од експерти за безбедност и здравје при работа, претставници на компании и вработени, соработка помеѓу Советите за БЗР во ИПА регионот, носителите на одлуки од владите и јавните власти, социјалните партнери и секој кој е активен во областа на безбедноста и здравјето при работа. Овој собир на едно место ги вклучи преставници од граѓански организации, државни институции и клучните чинители од облста на БЗР од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Хрватска, и Босна и Херцеговина.

Главна цел на конференцијата беше важноста на регионалната соработка, вмрежувањето и вклученоста на граѓанските организации (ГО) во процесите на креирање на политики и процесите на донесување на одлуки. Главните цели на Конференцијата беа:

  • Регионална соработка и вмрежување на граѓанските организации во ИПА регионот и унапредувањена регионалните ГО како кредибилен партнер за дијалог со државните институции
  • Мапирање на институционални механизми за соработка помеѓу ГО и јавните институции во регионот, со што се овозможува понатамошно истражување на односите помеѓу ГО и државните институции.
  • Регионално партнерство помеѓу Советите за БЗР и продлабочување на соработка со граѓанскиот сектор во насока на подобрување на работните услови во земјите на Западен Балкан.

Официјално конференцијата беше отворена од страна на претседателот на Македонско здружение за заштита при работа, м-р Милан Петковски.

Согасно предвидената агенда на 29.09.2020 година учесниците беа запознаени со сите испорачани излези и резултати од проектот  “Подобрување на вклученоста и влијанието на граѓанското општество во јавните политики за безбедност и здравје при работа и при донесувањето на одлуки како подршка на државата во процесите на пристапување кон ЕУ”. Во овој работен дел, дополнително и многу важно е што корисниците на грантовата шема од овој проект “Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија”, “Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија”, Здружението “Достоинствен работник” од Прилеп, асоцијација за правно економски истражувања “Јуридика”,  “Зип институт”, “Здружението на судска администрација” имаа можност да ги презентираат испорачаните резултати во сесијата “Добра пракса и искуства од користење на грантова шема”. Преку спроведување на грантовата шема помогнавме во изградба на капацитетите на граѓанските организации со доделување на подгрантови и овозможивме да работите на одредени прашања што ги засега заедниците во кои што работите.

Организациски развој, финансиска писменост и финансиска одржливост, застапување, секторска инфраструктура и имиџ на организацијата во јавноста се клучните компоненти кои беа применети преку реализација на оваа грантова шема.

Во рамки на настанот за овој ден беше одржан и првиот форум на тема “Проблеми и предизвици во однос на Безбедност и здравје при работа во услови на пандемија”. Клучни панелисти на овој формум беа м-р Милан Петковски, претседател на Македонско здружение за заштита при работа, г-дин Златко Цветковски- секретар на Советот на ССМ, г-дин Ангел Димитров- претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, г-дин Благоја Ралповски- претседател на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија,г-дин  Дарко Дочински- претставник од Министертсво за труд и социјална политика и проф. д-р Елисавета Јасна Стикова – претставник од Институт за јавно здравје.

Програмата на конференцијата вклучи и презентација на научни трудови од облста на БЗР насловени како:

Здравствена состојба и работна способност врз основа на резултатите од извршените здравствени прегледи на работниците во овластените установи по медицина на труд;  Извори на опасности и штетности и превентивни заштитни мерки при процес на топење и леење на железо; и Анализа од практична примена од методологија за проценка на ризик на работно место при изложеност на Сарс Ков-2 вирусот.

Следејќи ги примарните цели на конференцијата, фокусот на 30.09.2020 година беше ставен на регионалната соработка за безбедност и здравје при работа  каде беше презентирана подготвената регинална анализа за функционалност и организациски капацитети на Советите за БЗР и можности за воспоставување на Регионална соработка на Советите за БЗР.

Главни заклучоци кои произлега од меѓународната конференција “Дијалог за БЗР” се:

  • Континуирано подобрување и спроведување на законската регулатива, политиките и стратегиите за безбедност и здравје при работа во земјите на ИПА регионот и потикнување на промоција за превентивна култура зa БЗР ;
  • Унапредување на дијалогот за безбедност и здравје при работа;
  • Зголемена улога на Советите за БЗР, унапредување на регионалната соработка помеѓу Советите за БЗР и продлабочување на соработка со граѓанскиот сектор во насока на подобрување на работните услови во земјите на Западен Балкан;
  • Регионална соработка за БЗР помеѓу државните институции, граѓанските организации и социјалните партнери во промоција на ефективна имлементација на БЗР;

Hits: 142

Posted in Новости.