Работилница на темата „Заштита на работниците ангажирани преку online платформи“ се одржа во Брисел на 24.мај 2018 година, во организација на Европската Агенција за БЗР.
Претставник на Македонското здружение за заштита при работа ( focal point на Европската агенција за безбедност и здравје при работа), беше Емили Јовановиќ Локвенец од Неодата.
Проблематиката за безбедност и здравје при работа на работниците ангажирани преку online платформи е дефинитивно нова и недоволно анализирана. За да се појасни за што станува збор, најпрвин треба да се појасни на кого се однесува.
„Работници кои се ангажирани преку online платформа“ се сите оние кои својот работен ангажман го нашле преку некој портал, кој во име на друг работодавец ги објавил отворените работни позиции и ги спојува работодавците со работниците. Во оваа категорија на работници спаѓаат оние кои работат како т.н. freelancer – и, на определен проект, но и оние за кои оваа работа е само дополнителен извор на приход.
Во европската терминологија во различни земји членки, може да се најде различна дистинкција кај термините „вработен“, „самовработен“, „привремено вработен“ или „ангажиран персонал“.
Важно е да се напомене дека Безбедноста и здравјето треба да се однесува на сите нив.
Воочувајќи го ова, во Европската легислатива веќе во Законите за работни односи постои основна дефиниција за работник, според која
Работник е секој кој е ангажиран од друго лице или организација за вршење на некоја работа и за тоа, според договор соодветно ќе биде платен.
Главен говорник на работилницата беше д-р Саша Гарбен, која е професор на College of Europe, Европски Правни студии во Белгија, и која презентираше на тема „Регулатива со која ќе се озакони влијанието на БЗР врз Економијата базирана на online платформи“.
Презентацијата на др. Гарбен главно се однесуваше на Законите за работни односи кои ги опфаќаат сите работници, секако според дефиницијата за Работник, цитирана погоре.
На настанот исто така беа присутни и претставници од EU OSHA – Европската агенција за БЗР, од ILO – Мегународната организација за труд, од Европскиот парламент – Потпретседателката на Комитетот за вработување и социјални работи, Претставници од Министерствата за здравство и Социјални работи од скоро сите европски држави, како и бројни експерти од оваа област.
Презентирани беа различни пристапи и анализи, како и добри практики.
Иако постојат земји кои имаат донесено некои закони кои се однесуваат на оваа проблематика, како Франција на пример, законите сеуште не почнале да се применуваат, па претставниците на Франција не можеа да дадат оценка за нивното значење и влијание.
Беа презентирани и резултати од анализи според кои само 3% вработени, се работниците кои добиле работа преку online платформи. Друга анализа вели дека само 3% од вработените во ЕУ остваруваат повеќе од 20 ЕВРА/ неделно со работни ангажмани од online платформи.
Секој кој ќе ги чуе овие броеви ќе помисли дека станува збор за незначителен број на вработени.
Сепак голема е веројатноста дека овие бројки рапидно ќе пораснат во следните неколку години, па ова е момент во кој проблемот не смее да се занемарува.
За поздравување е иницијативата на нордиските земји кои ја препознале деликатноста на темата за имплементација на БЗР на работниците кои се ангажирани преку online платформи и максимално заеднички се трудат да ги препознаат промените кои треба да ги имплементираат во законите во своите земји.
Како резиме, се поставува следниот прашалник:
- Кој ќе биде оној кој на работникот кого го ангажирал за неколку саати преку online платформа, ќе му обезбеди добри работни услови? Ако работникот работи од дома, никој нема да му ги провери условите, осветлувањето, дали прави паузи на определено време, дали има здравствена заштита и сл
- Ако работникот денес извршува повеќе задачи за различни работодавци, кој од нив е одговорен за неговата заштита?
- Дали за ваквите работници е загарантирано правото да имаат потпишани договори за вработување? Дали им е одземено правото преку судски процеси да раскинат договор кој не бил фер? Имаат ли ваквите работници било каква правна заштита?
- Кој е одговорен за БЗР на работник ангажиран преку online платформа, работодавецот или Платформата?
- Кој, работодавецот или Платформата е одговорен за социјална заштита на работникот?
Македонија, со имплементирање на законите за БЗР е рамо до рамо со европските земји и активно учествува на сите работилници за оформување на законите во оваа област.
Views: 221