МТСП: Компаниите со производствени капацитети да се придржуваат до препораките за заштита на работниците
Министерството за труд и социјална политика ги повикува компаниите да се придружуваат до препораките за организација на работењето затоа што заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на економијата. Владата и стопанството имаат иста цел – во услови кога се спроведуваат мерки и активности за заштита и превенција од ширење на коронавирусот, истовремено да се организира работењето на компаниите за што поефикасно справување со негативните последици. Апелираме до правните субјекти во оваа вонредна состојба сите да покажеме одговорност. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките.
Препораките за организирање на работниот процес се следните:
1. Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до 2м.
2. Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.
3. За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце и дезинфекција со употреба на дезинфекциони средства на база на алкохол).
4. Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).
5. Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.
6. Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.
7. Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.
8. Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени докумени да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).
9. Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.
10. Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.
11. Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на меил.
Views: 209