Во судирот на навивачките групи „Фаланга“ и „Лозари“ во Штип пред почетокот на второлигашкото фудбалско дерби помеѓу Брегалница и Тиквеш, е повреден полицаец.
Како што јавува регионалната телевизија „М.Нет“, која директно го пренесуваше дуелот помеѓу двете водечки екипи во Втората лига Исток, полицијата влегла меѓу двете завојувани навивачки групи и спречила поголем инцидент. Притоа бил повреден еден полицаец, кој бил погоден во глава со факел, а за малку ќе настрадала и телевизиската екипа, над чии глави летале петарди и други пиротехнички средства.
Штипјани апелираа „лозари“ да не доаѓаат во Штип, но тие пристигнале со свои автомобили.
Пред почетокот на натпреварот, на главната улица покрај стадионот на Брегалница, дошло до судир на двете навивачки групи. Кога навивачите на Брегалница тргнале кон стадионот од страната на тврдината Исар, од каде што обично ги гледаат натпреварите во периодот на коронакризата, зад грб им дошла група од педесетина „лозари“ од Кавадарци.
Views: 53