Карактеристики на метеоролошките услови
Во Република Северна Македонија во текот на последните 15 години, значајно е зголемен бројот на денови со максимална температурите на воздухот поголема или еднаква на 300С (тропски денови), денови со максимална температура поголема или еднаква на 350 С (жешки денови), како и бројот на денови со минимална температура на воздухот поголема или еднаква на 200С (тропски ноќи). Исто така се зголемува и честотата на јавување на топлотни бранови, кои согласно препораките на Светската метеоролошка организација (WMO-World Meteorological Organization) се дефинираат преку индексот на траење на топлинскиот бран (HWDI).
Во периодот 1961-2012 година вкупниот бројот на регистрирани топлотни бранови во различни региони на Републиката е различен и изнесува од 87 случаи во Скопје, 105 во Штип и 113, а нивното траење достигнува и повеќе од 20 денови.
Под ладни бранови се подразбира ненадејно и брзо намалување на температурата на воздухот во рамките на 24 часа, поради што е потребно преземање на дополнителни мерки за заштита на земјоделските површини, стоката и се разбира здравјето на населението и безбедноста на работниците. Анализата на ладните бранови и студеното време се прави врз основа на појавата на т.н. мразни денови.
За разлика од топлите бранови, ладните бранови имаат многу помала честина на појава. Така на пример, вкупниот број на забележани случаи на ладни бранови за целиот период 1961-2012 година, изнесува 27 во Скопје, 38 во Штип и 49 во Битола.
Проценка на ризик при работа во услови на изложеност на високи и ниски температури и влијание врз здравјето
Микроклимата може на различен начин да влијае врз здравјето и работната способност на работниците. Така, работниците што обавуваат многу тешка физичка работа или во текот на работата се изложени на екстремно високи или ниски температури, независно од тоа дали работат во затворени работни простории или во надворешни услови, имаат зголемен ризик за температурно оптеретување кое може негативно да влијае на нивното здравје и работна способност.
Во законодавство од подрачјето за безбедност и здравје на работа во Република Северна Македонија, нема пропишани минимални барања во однос на условите за работа на работниците во неповолни микроклиматски услови, што би требало да ги обезбедат работодавачите.
Во тој смисол, во нашата национална регулатива не е пропишано при кои микроклиматски услови работодавачот треба да ја прекине работата поради реална опасност по животот и здравјето на вработените. Соодветно, нема насоки како да се управува со режимот на одмор и работа во рамките на еден работен час, што е еден од базичните принципи за минимизирање на температурните оптеретувања кај работниците – принцип што се применува во речиси сите земји што имаат искуство во организација на работа и заштита на здравјето на работниците.
Оттука, во формалните документи за проценка на ризик, чија изработка претставува законска обврска на работодавачот, предложените превентивни и корективни мерки не се базираат на реална оценка на актуелниот професионален ризик на секое работно место за секој работник одделно.
Имено, Законот за безбедност и здравје на работа на Република Македонија наметнува обврска, работодавачот да изработни објективна и стручна проценка на ризикот на секое работното место и задолжително да ги преземе соодветните превентивни и корективни мерки, што имаат за цел елиминирање и/или минимизирање на професионалниот ризик. Тоа има за цел да се обезбеди највисок можен степен на заштита за сите работници кои на работното место се професионално експонирани на ризици што можат негативно да влијаат врз нивното здравје и работна способност, вклучувајќи ја и професионалната изложеност и работа на високи и ниски температури. Наспроти обврската за проценка на ризик и превенција на штетните ефекти, во последните десетина година кај нас преовладуваат генерални препораки за неселективно ослободување од работа на сите припадници на одделни вулнерабилни популациони групи – возрасни работници, хронично болни и бремени работнички. За воља на вистината, овие превентивни мерки произлегуваат од одредени стратешки национални јавно-здравствени стратегии
На ваков начин целосно се изместува законската рамката за безбедност и здравје, која од обврска на работодавачот за елиминирање и минимизирање на ризикот, прераснува во препорака на Владата на Република Северна Македонија и ресорните министерства, без да се има во предвид дека станува збор за обврска на работодавачот да овозможи највисок степен на безбедност и здравје на своите работници на нивните работни места, што треба да се базира на професионални стандарди, затоа што топлотното оптеретување се разликува за секој работник оделно и зависи од:
- видот, карактерот и тежината на работата во различни стопански дејности,
- условите на работното место и во непосредната работна средина,
- видот и карактерот на преземените превентивни и корективни мерки и
- психо-физичката и здравствената состојба на професионално експонираните работници.
Посебно треба да се истакне дека минимизирањето и/или елиминирањето на ризиците на работните места што се поврзани со работа во неповолни микроклиматски услови, е пред се стручно прашање и тоа треба да се решава со ангажирање на стручни и компетентни професионалци во три сегмента – легислатива, експертиза (знаење и искуство) во областа ан здравјето на работа и инспекциски надзор и контрола.
Ваквиот пристап не остава простор за општи препораки, туку за строги критериуми и стандарди, што се разликуваат според видот и дејноста на компаниите, работните места и карактеристиките за обавување на работата, како и според индивидуалните психо-физиолошки карактеристики на професионално изложените работници и/или одделни чувствителни групи на работници.
Првиот и најзначаен чекор во овој правец, би требало да биде легислативно дефинирање на максимално дозволените и препорачани вредности за изложеност на работниците на одредени температурни услови, со што од универзални препораки на Владара на РСМ за ослободување од работа, земање повеѓе течност, чести одмори и носење лесна облека, ќе воспоставиме систем за безбедност и здравје на работа, базирн на знаење и професионални стандарди.
Целта на оваа публикација е да даде смерници за управување со ризикот при обавување на работа на отворено во услови на високи и ниски температури во Република Севена Македонија, се додека истите не се преточат во соодветен подзаконски акт.
Смерниците дадени во овој водич се базираат на меѓународните и национални стандарди од оваа област и на препораките на националните институции на Австралија, Канада, САД и Обединетото Кралство, кои се земји што имаат големо искуство во организацијата на работа на отворено и на високи температури.
Препораките пред се се однесуваат на оние кои се одговорни за донесување на одлуки, за работодавачите, за стручните лица за безбедност и здравје на работа, како за самите работниците и нивните претставници за безбедност и здравје на работа. Целта е да се подигнат нивните професионални капацитети, за што поуспешно справување со проблемот на топлинскиот стрес и тоа секој во доменот на своите знаења, компетенции и надлежности.
Views: 535