По еден повреден полицаец секоја недела

Најмалку триесетина полицајци потешко или полесно се повредени во изминативе шест месеци додека извршувале работни задачи. За среќа, повредените закрепнале и се вратени на своите работни задачи. Безмалку сите предизвикувачи на повредите на полицајците се пронајдени и се приведени. Против нив се поднесени кривични пријави за напад на службено лице.

Според карактерот на повредите, полицајците се здобивале со сериозни повреди по главите, скршеници, исеченици, отоци и слично. Неколкумина биле згрижени и на краткотрајно болничко лекување, а повеќето по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување.

Еден од низата немили настани во кои се повредени полициски службеници се случи во средата, во Демирхисарско, каде што беа нападнати неколку полициски службеници, од кои еден беше прободен, а двајца беа прегазени. Целиот овој настан е снимен со мобилен телефон. Во паника се слушаат истрели, а потоа и извик: „Врати се, Филип! Пукаат“.

МВР соопшти дека околу 8 часот, на патот Битола – Ресен, возач на пежо И.Ѓ. (41) од Росоман, не застанал на знак за запирање од полициски службеници и притоа со возилото удрил во двајцата полицајци. Набргу откога бил запрен, тој со остар предмет повредил полициски службеник што извршувал службени дејства. Возачот бил приведен во полициска станица.

Слични напади имало во Скопје, кога возач со возило удрил во полициски службеник што го обезбедувал теренот по сообраќајка. Повредениот полицаец бил пренесен и задржан на болничко лекување. Во обид за бегство на две лица кај кои подоцна е пронајдена дрога во нивниот автомобил, удрен е полицаец што контролирал кај село Бразда. Подоцна тие биле фатени кај „Качанички Пат“ и биле приведени. И во населбата Ѓорче Петров полицаец е застрелан и се здобил со прострелна рана на ногата, откако во него е пукано додека се наоѓал во автомобил од напаѓачи во голф, кои избегале.

Од Македонскиот полициски синдикат најостро ги осудуваат сите инциденти во кои полициските службеници се здобиле со повреди.

„Македонскиот полициски синдикат во континуитет работи и сериозно се залага за тоа да се документираат и да се профилираат сите напади врз полициските службеници при вршење на работните задачи и притоа да се идентификуваат евентуално системски недостатоци, во контекст на отстранување недостатоци во системот на заштита на нашите колеги“, велат од МПС.

Од полицискиот синдикат велат дека трендот на напади врз полициски службеници само затоа што професионално си ги извршуваат работните обврски и задачи, спроведувајќи го законот, мора да запре.

 

ИЗВОР

Hits: 1

Posted in Новости.