Цивика мобилитас го организира Тематскиот форум „Државното финансирање за поголема одржливост на граѓанските организации“.
Подобрувањето на системот на државно финансирање е еден од приоритетите на граѓанското општество, а според Програмата за работа на Владата на РСМ за периодот 2022-2024, приоритет е и на извршната власт во земјава. Сепак, неодамнешните реструктурирања и кратења на буџетот за граѓанските организации не ги потврдуваат заложбите на Владата за унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации. Зошто е така и какви ќе бидат следните чекори на Владата, а какви на граѓанските организации се дел од дискусијата на Тематскиот форум на Цивика мобилитас на кој зборуват: Рами Керими, Државен секретар во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците; Весна Тасевска, помошник раководител на Секторот за анализа на политиките и координација, Генерален секретаријат на Владата и Лилјана Јоноски, член на Работната група за реформа на системот на државното финансирање на ГО.
Заложбите на граѓанските организации се исти години наназад и се однесуваат на: зголемување на висината на средства наменети за финансирање на ГО; обезбедување институционална поддршка за граѓанските организации; обезбедување кофинансирање на активностите кои се поддржани од други донатори; напуштање на праксата на едногодишно и неизвесно финансирање, и градење свесност и пракса за повеќе годишна организациска и проектна поддршка; зголемена висина на индивидуалните грантови; унапредување на транспарентноста, ефективноста и отчетноста на постапката на дистрибуирање на средствата; зголемена отчетност и транспарентност на граѓанските организации за потрошените средства доделени од страна на државата, но и општо во нивното работење; обезбедување соодветна географска распределба на поддршката од државата за граѓанските организации
Views: 84