Несреќата, според првичните информации, се случила утринава околу 9.40 часот при монтирање на кранот на градилиштето каде биле поставени темелите на зградата. Од засега непознати причини, кранот се откачил и работниците паднале од голема висина. Брзата помош констатирала смрт на лице место.
Загинатите работници се од Скопје на возраст од 30 и 50 години. Нема други повредени лица.
Од Основното јавно обвинителство од Кавадарци информираат дека се преземени сите мерки за утврдување на причините за несреќата. Како што велат оттаму, издадена е наредба за обдукција на телата на починатите, а се прибираат и сите вербални и материјални докази за испитувања на сите околности. Увид вршат и МВР и надлежен инспектор од Трудовиот инспекторат.
Овој случај повторно го отвора прашањето дали и колку се почитуваат стандардите за безбедност и заштита при работа. Првиот човек на ресорното здружение, Милан Петковски, вели дека целиот синџир – од надзор па се до спроведување на препораките во пракса – за жал не функционира и затоа, како што вели, се уште се праќаат работници на небезбедни места со несоодветни услови.
Статистиката на Здружението вели дека минатата година починале 9 градежници на работното место а 30-тина биле потешко повредени.
Views: 18