Македонското здружение за заштита при работа присуствуваше на трибина организирана од страна на Здружението за заштита при работа – Битола. Во настан организиран на 4 ноември на кој присуствуваа повеќе од 50 учесници, стручни лица зборуваа на тема OHSAS 18001 стандардот, како и превентивата на пожар. Интересно беше тоа што се зборуваше за конкретни и практични примери од две компании во Битола.
Настанот го отвори г-ѓа Драга Горјанова, претседател на здружението, која што изрази задоволство за тоа што се организира настан за безбедност при работа во Битола.
Потоа зборуваше г-ѓа Радмила Чобанова Василевска, менаџер за управување со интегрирани системи за квалитет во БиМилк. Таа зборуваше за стандардот OHSAS 18001 и како тој е имплементиран од страна на оваа битолска компанија. Поточно тие се одлучија за имплементација на BS OHSAS 18001, односно британскиот OHSAS стандард, што значи дека е имплементиран во согласност со British Standard.
„Пред се е важна определбата на компанијата, односно е важно зеленото светло од менаџментот. Конкретно ние одлучивме да одиме со консултантски услуги за имплементација на стандардот, додека процесот на имплементација траеше 9 месеци, а самиот чин на сертификација траеше недела дена. Ние веќе 1 година работиме со овој стандард”, изјави г-ѓа Чобанова Василевска за одлуката и времетраењето на имплементацијата на BS OHSAS 18001 во Би Милк.
Таа во својата презентација детално го објасни BS OHSAS 18001 стандардот односно неговите клучни концепти, аспектите на кои се базира, како и процесот на самата имплементација во компанијата. На крајот таа детално ги објасни деловните придобивки на стандардот. Имено, како клучни придобивки г-ѓа Чобановска Василевска ги нагласи:
– Подобрување на БЗР перформансите
– Намалена изложеност на несреќи
– Помалку несреќи и отсуство на вработените
– Намалување на трошоци
– Намалување на осигурителни премии
– Подобрен морал на вработените
„Едно од барањето на стандардот е да се води статистичка обработка на податоците и причините за тие несреќи. Јас слободно можам да кажам дека ако во изминатите години се соочувавме со пријава на жалби и несреќи со просек околу 10 годишно, во измината година по имплементацијата на стандардот ние регистриравме само една полесна повреда”, додаде таа за напредокот во безбедноста при работењето по имплементацијата на стандардот.
„Во претпријатијата според нашите сознанија има мала примена OHSAS стандардот, па затоа целта на оваа трибина ни беше да се прикаже што се може да придобијат од имплементацијата на овој стандард, односно фирмите да се активираат и да се информираат за да почнат да го спроведуваат. БиМилк е компанија која веќе го имплементираше овој стандард и сакавме тие да послужат како пример за останатите фирми кои се поканети на денешниот состанок”, изјави г-ѓа Драга Горјанова, претседател на Здружението за заштита при работа – Битола.
Во вториот дел од трибината своја презентација имаше г-дин Горан Костовски, стручно лице за безбедност при работа во СОКОТАБ Битола. Тој зборуваше за заштитата од пожар, односно за административни-технички и организациски мерки во оваа компанија. Г-динот Костовски детално зборуваше за законската регулатива поврзана со заштитата од пожари и визуелно и практично ги прикажа техничките мерки кои се применуваат во неговата компанија.
По завршувањето на неговата презентација се разви интересна дискусија за темата, по што беше затворена трибината за безбедност и здравје при работа.
Views: 101