Триесетгодишниот работник е најранлива категорија на работното место

Работник меѓу 25 и 34-годишна возраст е најризичната категорија на граѓани подложна на повреди на работното место, а несреќите со фатален исход најчесто им се случува на оние меѓу 35 и 44 години старост. Ова го покажува најновиот извештај на Државниот завод за статистика, а реалноста говори дека ваквите несреќи на работно место од месец на месец се зголемуваат. Катастрофалниот тренд на смртност уште пред  две години ја смести земјава како лидер во Европа по бројот на повредите и смртните случаи на работно место.

Неодамна трагичен настан го усмрти 49-годишниот С.Б. од Албанија, кој во населбата Свети Стефан во Охрид бил затрупан со земја додека изведувал градежни работи. Како што информира полицијата, несреќата се случила поради лизгање на земјиштето и одрон на земјата, па лицето починало на самото место.

Слична несреќа со трагичен крај се случила и во кумановското село Отља, каде што 24-годишен работник загинал кога врз него паднала кошница од багер и го пригмечила. Според кумановската полиција, несреќата се случила во стовариште за градежни материјали, па додека го поправале багерот што се наоѓал во дефект, одеднаш паднала кошницата врз 24-годишниот А.А., кој од добиените повреди починал на самото место.

Минатиот месец, пак, дури три смртни случаи на работно место беа додадени во полициските билтени.
Таков пример е случајот со работник од Крива Паланка, кој бил потрупан со земја додека копал за канализација во селото Смојмирово, Беровско.
Станува збор за 38-годишниот Ј.С. од Крива Паланка, кој во моментот на несреќата добил тешки телесни повреди и починал на самото место.
Неколку дена подоцна, на железничката станица во Кичево, при утовар на огревни дрва во вагон од камион, паднал 50-годишниот Д.Ј. од Охрид и починал во Медицинскиот центар во Кичево.

Несреќа на работно место со трагичен крај доживеа и 57-годишниот М.В. од Скопје, кој се повредил при поправка на лифт за автомобили во катната гаража „Солунски конгрес“ во општината Центар.
Како што објаснија од МВР, работникот со тешки повреди веднаш бил пренесен на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде што по неколку часа починал.
Од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) ги коментираат несреќите што се случуваат на работно место, притоа нагласувајќи дека сѐ уште не постои можност да се направи класификација за причините за несреќите.
– Поради потребата од детална истрага и анализа за да се утврдат вистинските причинители за секоја повреда или смртен случај, не сме во можност да направиме соодветна класификација. Односно, најчесто од нашите извори не добиваме целосни податоци за причинителот на повредата или целосен и точен опис на настанот. Ова ќе можеме да го класифицираме во моментот кога за извори на податоците ќе имаме релевантни податоци во согласност со одредена методологија на водење на несреќите – наведуваат од МЗЗПР.

Според Прирачникот за безбедност и здравје при работа, пак, работодавецот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за своите вработени од секој аспект поврзан со работата.
– Во рамките на своите обврски, работодавецот мора да презема мерки потребни за безбедност и здравје при работа на вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства, односно да воведе такви заштитни мерки и да избере такви работни и производствени методи што ќе го подобрат нивото на безбедноста и здравјето при работа, а ќе се вклучат во сите дејности на работодавецот и на сите нивоа на организација. Обврските и работите на безбедноста и здравјето при работа, работодавецот може да им ги довери на овластени правни или физички лица, ако тој не е во можност или нема соодветни стручни вработени и техничка опременост таквите работи и обврски самостојно да ги извршува – стои во прирачникот.

НАЈМНОГУ НЕСРЕЌИ ДОЖИВЕАЛЕ ПОЛИЦАЈЦИТЕ

Во дејноста јавна управа и одбрана, најголем дел несреќи се случуваат во полицијата. Ова е наведено во последниот извештај на Македонското здружение за заштита при работа, каде што се вели дека е забележан голем број повредени и усмртени припадници на силите за безбедност поради безбедносните настани во мај минатата година.

– Освен полицијата, дејностите на домаќинства како работодавци во голем дел ги опфаќаат земјоделските работи на своите имоти. Ако овие лица се регистрирани како земјоделци, тогаш дел од повредите би се припишал на дејноста земјоделство. Најголемиот број несреќи во оваа дејност се случиле со земјоделска машина, при вршење земјоделски работи или транспорт. Исто така, градежните зафати врз објектите од домаќинството каде што имаше исто така зголемен број повреди и смртни случаи, покажува дека дејностите во домаќинствата се една од најопасните причини за настанување на несреќи при работа – пишува во извештајот.

 

Извор: http://www.novamakedonija.com.mk/

Views: 106

Posted in Новости, Прес / Медиа.