Компаниите за заштита при работа бараат слободен пазар за услугите

Компаниите за заштита при работа бараат слободен пазар за услугите

Не државата, туку компаниите и нивните клиенти да ги дефинираат цените на услугите, бара Групацијата за безбедност и заштита при работа.

Групацијата денеска на прес-конференција во Стопанската комора укажа дека се неопходни измени на постојниот Правилник зашто со него, како што беше речено, сите фирми од дејноста се ставени во ист кош, а тоа ги нарушува слободниот пазар и лојалната конкуренција.

Со Правилникот не се пропишани ниту патните трошоци за компаниите кои ги наплаќаат услугите, тие немаат можност за развој, за купување нови инструменти и за доедукација на вработените.

– Не може државата да ги диктира цените, ниту тие треба да бидат фиксни и таксативно наведени како што е во Правилникот. Сме се определиле за слободен пазар, а ако сакаме договорна економија, тогаш државата нека ја финансира дејноста, рече претседателот на Групацијата Сашко Стојмановски.

Според потпретседателот на Групацијата Борче Стојчевски, со еднакви цени за сите, независно кој каква услуга дава, доведен е во прашање опстанокот на компаниите кои професионално си ја вршат работата. Од друга страна, според него, драстично е намален квалитетот на услугите и бројката на смртни случаи и на повреди на работното место се зголемува, наспроти тенденцијата да бидат сведени на нула.

– Немаме можност за развој, идејата со донесувањето нов или промена на актуелниот Правилник е да се пропишат основните барања кои треба да бидат застапени, односно да се дефинира начинот на извршување на услугите, објасни Стојчевски.

Согласно Правилникот, мерење штекер што трае две минути и обука на вработен за заштита при работа што трае најмалку два часа, чини исто, пет евра. Мерењето, пак, на моментна хемиска штетност е 25 до 65 евра иако трошоците само за мерење азбест (кој спаѓа во хемиска штетност) достигнуваат најмалку 100 евра, а мерењето на јаглерод двооксид е пет евра. – Тука има уште една небулоза зашто според друг Правилник мерењето на хемиска штетност трае најмалку осум часа, образложи Стојчевски.

Ситуацијата, вели, дополнително ја комплицира фактот што Правилникот еднакво важи и за државните факултети и државните средни училишта кои даваат вакви услуги. – Факултетите и средните училишта добиваат пари од даноците и располагаат со многу подобра, посовремена опрема, посочи Стојчевски.

Во Македонија моментно околу 45 компании се занимаваат со безбедност и заштита при работа. Законот со кој се регулира дејноста е донесен во 2007 година и оттогаш има претрпено неколку измени по што, во 2014-та е усвоен и Правилникот.

Извор: http://vesti.mk/read/news/12591766/4370321/kompaniite-za-zashtita-pri-rabota-baraat-sloboden-pazar-za-uslugite

Други извори:

http://vesti.mk/read/news/12591766/4369714/se-zgolemuva-brojot-na-povredi-i-smrtnost-pri-rabota-se-baraat-izmeni-na-zakonot

http://ekonomski.mk/2017/04/03/

 

 

Hits: 19

Posted in Новости.