Eргономијата во работните системи- разговор со Билјана Матевска, докторанд

Македонското здружение за заштита при работа на 29 мај вторник 2018 година со почеток во 09:30 часот, во просториите на МФС, новата зграда за атести, училница K3-9, спрат 3, организира работилница на тема: „Основни поими на ергономијата и нејзината улога во безбедноста и здравјето на работниците‘‘ согласно годишната програмата за стручно усовршување од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Со таа цел разговаравме со еден од предавачите, Билјана Матевска, докторанд на Машински факултет.

Во однос на нејзината професионална биографија, досега има 10 години научно истражувачки активност од областа на ергономија и практична имплементација во работните системи. Објавени трудови во меѓународна стручни списанија, коаавтор на литература Ергономија, намената за студентите на Машински факултет. Награденa од Светската асоцијација за иновативни технологии од областа на ергономија. Повеќекратен предавач за ергономија и консултант при ергономско уредување на рабоотни места.

Најпрво, кажете ни, за кого е наменета обуката?

Обуката или работилницата за ергономија е наменета за сите заинтересирани страни кои размислуваат во насока на подобрување на работните услови и приспособување на работните задачи кон можностите и ограничувањата на вработените. Тоа е еден сосема визионерски пристап, иако во развиените земји се имплементира во работните системи во последните 50тина години, бидејќи овозможува максимална ефикасност на човечкиот фактор.

Која е целта на обуката?

Целта на оваа обука е да се претстави ергономијата и нејзините бенефити на работодавачите, менаџерите, а пред се, на стручните лица за безбедност при работа, бидејќи ергономијата, како една многу опширна наука е во симбиоза со безбедноста и здравјето при работа.

Ергономијата не е само општа свест, како што повеќето мислат, туку напротив, користи познавања и информации од огромен број науки и научни дисциплини, како: антропологија, биомеханика, психомоторика, анатомија, дизајн итн. Истите ги користи во насока на подобрување или оптимизирање на работните услови, зголемување на задоволството на работниците, намалување на професионалните заболувања и мускулоскелетни повреди, намалување на опасностите од работната средина, сето тоа во насока на креирање на здрави и безбедни работни места.

Што ќе биде опфатено на обуката?

На обуката ќе бидат опфатени општите поими и значењето на ергономијата во производните процеси, како и воопшто на сите работни места и нејзиното директно влијание врз намалувањето на трошоците, односно зголемувањето на продуктивноста на работниците. Особен акцент ќе биде ставен на психо-физичкото здравје на работниците и начинот како истото да се одржи во добра форма на работните места.

На работилницата ќе бидат дадени конкретни примери за имплементација на ергономските принципи на работните места во големите компании ширум светот и бенефитите од истата. Исто така, ќе бидат прикажани практични вежби, преку кои учесниците ќе можат да го почувствуваат влијанието на ергономските принципи.

Со какви познавања ќе се стекнат учесниците?

Со присуството на оваа обука, учесниците ќе се стекнат со практични сознанија и информации, кои ќе можат да ги имплементираат во нивните компании и ќе бидат компетентни да дадат проценка дали работните места се или не се ергономски организирани. Ќе бидат обучени како да прават ергономски подобрувања и да даваат конкретни препораки за унапредување и прилагодување на работните места, користејќи индивидуален пристап за секој работник. Ќе се запознаат со физичките вежби, кои треба секојдневно да ги извршуваат и ќе стекнат познавања за ергономскиот пристап, кој треба безрезервно да се имплементира во сите организации, на сите работни места.

Разговорот го водеше Андријана Зафировска

Visits: 354

Posted in Новости, Обуки.