Камион падна во Раечка река

Возач на камион е тешко повреден утринава во сообраќајна несреќа кај Дреновската клисура. Дошло до сообраќајна незгода помеѓу товарно возило и минибус, по што камионот излетал од патот. Оваа информација ја потври портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

Три часа пожарникарите од кавадаречката против пожарна единица работеа да го извадат повредениот возач од кабината на камионот.

„Моравме да ја исечиме половина кабина за да стигнеме до повредениот.  Еден дел од кабината беше во реката. Врнежите од дожд дополнително ни ја отежнуваа интервенцијата“ вели за Канал 77, Александар Чадамов, командир на ТПЕ Кавадарци.

Од кавадаречката болница потврдуваат дека повредениот возач бил примен  и задржан на лекување на хируршкиот оддел.

„Ги направивме сите потребни испитувања. Се сомневавме дека има скршеница на ногата, но се утврди дека нема таква повреда. Според првичните анализи не станува збор за животно загрозувачка состојба. Возачот кој е од Скопје, е задржан за понатамошна опсервација на одделот“ вели д-р Дано Кулев хирург во болницата во Кавадарци.

Местото каде е случена оваа собраќајна незгода, како што кажуваат возачите е доста ризично и е потребно големо внимание. Особено оваа делница е проблематична за возење при врнежливо време.

Ангел Данов

ИЗВОР

Visits: 145

Posted in Несреќи при работа and tagged , .