25 дрва за 25 загинати работници – прилог од РАДИОМОФ

25 дрва за 25 загинати работници – „Државата да престане да импровизира“, вели Петковски од МЗЗПР

Во паркот во населбата Ново Лисиче, блиску до седиштето на Фудбалската федерација на Македонија, денеска беа засадени 25 дрва. Тие ги симболизираат сите 25 загинати работници на работното место минатата година, според информациите на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР).

Веќе трета година, МЗЗПР на ваков начин, меѓудругото, го одбележува Светскиот ден за безбедност и здравје при работа. Претседателот на здружението, Милан Петковски вели дека иницијативата била во насока на тоа дека загинатите не треба да бидат статистика, која некого треба да го импресионира, туку чекор кон освестување на сите кои имаат среќа да работат на побезбедни работни места, но и да се посочи дека несреќите на работно место се нешто што се сурова реалност.

Извештајот кој здружението го објавува од 2008 година и кој е веќе востановена пракса секоја година, покажува дека земјоделието е „број еден убиец“ во државата, објаснува Петковски.

„Ние од 2007 ги прибираме овие податоци, и во континуитет, земјоделието е број еден убиец, и најчесто таму имаме армија на луѓе, кои во суштина се невидливи за системот. Тоа се оние кои, семејство кое работи да речеме на нива, семејство кое користи трактор, придружна механизација, итн… “, вели Петковски.

Тој посочува дека се доаѓа во ситуација каде се прави тајна дискриминација, бидејќи најчесто поради поставеноста на државниот апарат се третираат само работниците од урбаниот сектор. Се она што е во руралниот, Петковски вели, дека е невидливо за државниот апарат.

Просечно, во паркот се засадуваат по 30 дрва годишно, на сопствена иницијатива. Годинава добиле и поддршка од Јавното претпријатие Паркови и зеленило кои ги донирале садниците.

Во однос на тоа како државата треба повеќе да се вклучи во заштитата на работниците и на што треба дополнително да се работи, Петковски истакнува дека таа „треба да престане да импровизира“.

„Државата треба да престане на дневнополитичка основа да си игра со нешто што би ги чинело самите нејзини граѓани живот. Тоа значи, ако треба на работно место инспектор да биде човек кој има познавање од заштита при работа, треба да има познавање од работен процес, треба да има познавање за конкретно, што значи ризик на работното место. Професионалците кои ги нудат своите услуги, да не доаѓаат во ситуација да нудат топ хартија, него да нудат конкретни решенија, кои се апликативни и вредат на работодавачите“, објаснува Петковски.

Работодавачите пак, тој смета дека треба да престанат да гледаат дека заштитата при работа е „оставина од социјализмот“, туку да разберат дека тоа се однесува многу повеќе во заштита на нивниот капитал.

„Вработените да престанат да размислуваат дека некој друг е одговорен за нивната заштита при работа, него дека секоја заштита при работа, почнува и завршува со нив самите. Бројните примери, бројните анализи на несреќи на работно место зборуваат дека дури и 75% од фаталните несреќи може да се превенираат, само со примена на конкретни постапки, кои би значеле спроведување на безбедносните правила“, вели Петковски.

Дискрепанца во бројот на загинати работници

Начинот на кој МЗЗПР ги прибира податоците за бројот на загинати работници, се пред се преку дневните билтени на Министерството за внатрешни работи. За крајниот годишен извештај, се користат и информациите на медиумите, а тука влегуваат и информациите од државните органи. Истовремено, тие податоците ги собираат и преку синдикатите, работодавачите, или пак преку лица кои директно им се обраќаат.

Но, податоците на здружението се разликуваат од тие на официјалните институции, Државниот инспекторат за труд, Институтот за јавно здравје и администрацијата.

„Самото тоа го вади на површина едниот проблем во однос на заштитата, дека ние немаме усогласено статистика која ги брои, која ги евидентира сите оние несреќи на работното место. Испаѓа дека ние како граѓански организации сме многу поревносни него целиот оној државен апарат кој би требало да, всушност ги анализира состојбите, да доаѓа во ситуација, да ги превенира, да ги подготвува мерките, итн…“, посочува претседателот на МЗЗПР.

Според податоците од Државниот инспекторат за труд, минатата година на работно место загинале околу 19 лица, вели Петковски и додава дека Институтот за јавно здравје нема пребројано ниту една несреќа на работно место.

Потоа, тој забележува и на тоа што, како што вели, трудовиот инспекторат има „една чудна аномалија во самиот закон за инспекциски“, каде што тој посочува дека тие прават надзор само врз работниците кои имаат договор за работа.

„Сите оние кои што се да кажеме, во огромната армија на неформален сектор, самовработени, тоа се оние најчесто земјоделци кои никој не ги брои, тие не ги третираат. Ние па, од друга страна, во континуитет алармираме дека не е битно формално-правно да дојдете во ситуација да собирате или одземате статистика, него многу почовечно би било доколку ги преточите овие луѓе во бројки, значи сите оние загинати во бројки, но од друга страна позади тие бројки да биде име и презиме“, посочува Петковски.

Идејата за најмалиот парк на светот каде се засадуваат дрва за секој загинат работник, во последните три години, откако се спроведува ваквата иницијатива, се „збогати“ со 83 садници, и покрај желбите на МЗЗПР на тоа место да нема ниту едно дрво.

Мартин Колоски

ЛИНК

Hits: 3

Posted in Новости.