Стратегијата за БЗР 2021-2025 и акцискиот план за реализација 2021-2023 усвоени на влада

Да работиме заедно за подобро здравје и
поголема безбедност на работа за секој работник !

Стратегијата за безбедност и здравје при работа се темели на фактот дека заштита на работа е едно од основните права загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, со кое се обезбедува чување и унапредување на здравјето на работниците, како предуслов за успешна работа и оптимална продуктивност во работењето.
Стратегијата за безбедност и здравје при работа за период од 2021 до 2025 година е национална програма која ја донесува Владата на Република Северна Македонија, врз основа на членот 4 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“, бр.92/07, 136/11, 23/13, 25/13, 137/13, 164/13, 158/14, 15/15, 129/15, 192/15, 30/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.18/20). Оваа обврска е содржана и во Конвенцијата бр.155 (чл. 4) на Меѓународната Организација на трудот (МОТ) како и во директивите на Европската Унија (ЕУ). Стратегијата за БЗР 2021-2025 претставува програмска определба на Владата за подобрување на безбедноста и здравјето на работа на работниците во Република Северна Македонија, а визијата, целите и приоритетите содржани во Стратегијата ги дефинираат подрачјата на делување во наредниот петгодишен период.
Стратегијата за БЗР на сеопфатен начин ја утврдува состојбата во областа на безбедноста и здравјето при работа во земјата и ги дефинира мерките кои треба да се превземат за нејзиниот развој. Со Стратегијата се одредуваат активности и цели како и стратешки мерки за унапредување и развој на безбедноста и здравјето при работа, со што се поттикнува економски раст, се стимулира вработувањето и се подобруваат состојбите на пазарот на трудот во државата.
Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2021-2025, се надоврзува на претходните стратешки документи во областа на безбедност и здравје при работа во Република Северна Македонија, како што се Стратегија за безбедност и здравје при работа 2020 со Акцискиот план 2020, Стратегија за БЗР 2011-2015 година со Акциските планови за 2011-2012, 2013-2014 и за 2015 година, како и Стратегија за здравје, здрава животна и работна средина и безбедност на работа во Република Македонија 2006-2010 година. Со овој стратешки документ се обезбедува континуитет во стратешкиот и координиран пристап насочен кон развој на системот на безбедност и здравје при работа во нашата земја.
Оваа стратегија треба да обезбеди понатамошен план на делување во областа на безбедноста и здравјето при работа, преку интер-секторски активности, водени од Министерство за труд и социјална политика, во соработка со Државниот инспекторат за труд, со поддршка на Министерство за здравство и преку социјален дијалог и развој на партнерства со претставници на работниците, работодавачите и нивните организации, како и експертската и професионална заедница. Со Стратегијата во наредниот период, треба да се посочат и дефинираат националните политики и планови за имплементација на стратешките цели на ЕУ, Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација на трудот (МОТ) во оваа област и да се создадат соодветни механизми и законски рамки за нивна имплементација, мониторинг и евалуација.

Akciski Plan BZR 2021-2023 sl (12.2021)

Strategija BZR 2021-2025 sl (12.2021)

T-37 (Usvoeno na Vlada)

Visits: 208

Posted in Новости.