Во Македонија годишно на работа гинат над 40 работници

Околу 44 работници во земјава годишно го губат животот на работно место, покажуваат податоците од Македонското здружение за заштита при работа. Оттаму посочуваат дека околу 85 отсто од работниците не ги знаат правата и обврските кои произлегуваат од Законот за заштита при работа, а законските обврски работодавачите ги чувствуваат како притисок и често пати ги спроведуваат само формално.

„Една несреќа на работа чини десет пати повеќе отколку што би чинела една превенција . Една несреќа со просечна плата од 12.000 денари што всушност би значела некаде 21.000 денари бруто плата, би значело дека во период од три месеци доколку го отстрани некој вработен од работното место, работодавачот директно би го чинела околу 3.000 евра. Зошто толку пари? Замислете дека тој што е отстранет треба и понатаму да го плаќате.“ – изјавува Милан Петковски, Здружение за заштита при работа

Од здружението порачуваат дека за подобро да се спроведуваат безбедносните стандарди, потребни се точни и навремени податоци за несреќите на работно место, информираност на вработените и поголема соработка меѓу синдикатите, работодавците и државата. Според анализите, најризични професии во земјава каде што има и најмногу несреќи се земјоделството, транспортот, градежништвото и црната металургија.

Соња Јанковска

Извор: http://www.alsat-m.tv/mk/301359/

Visits: 91

Posted in Новости, Прес / Медиа.