КОДЕКС

КОДЕКС НА ПРОФЕСИОНАЛНАТА ЕТИКА

Времето во кое живееме е еден од најтешките периоди за луѓето кои работат на полето на заштитата при работа. Тие се изложени на многу и разновидни притисоци и искушенија, што ги носат луѓето и животот. Исто така и самата професија ги подложува на многу предизвици и искушенија, вклучувајки го и искушението за избор меѓу струката и провизијата.

Член 1

Кодексот на професионалната етика се темели врз документот “Принципи на инженерската етика” на Институцијата на инженерско – научните друштва и сојузи на Република Македонија. Фундаменталните етички принципи произлегуваат од моралната филозофија втемелена врз чесност, правичност и учтивост и обликувана со сваќањето за взаемно внимание меѓу луѓето како основа на личната култура. Човекот кој работи на полето на заштитата при работа овие норми ги прифаќа како збир на динамички начела што го раководат во стручната практика и приватниот живот, придонесувајки да се оживотворат. Тој смета дека му е должност својата стручна работа да ја приспособи кон овие начела. Со оглед на тоа што чесноста е вистински темел на стручното водство, човекот кој работи на заштитата при работа (во текстот понатаму заштитарот) достоинствено, предано и непристрасност треба да ги извршува своите обврски кон народот, вработените и работодавците. Должностите на заштитарот може да се сметаат и природно претставуваат дел од општествениот живот, па тој мора да биде и е подготвен да го применува своето стручно знаење за добро на општеството. Заштитарот треба да го подигнува влијанието на струката и да ги избегнува сите деловни активности или претпријатија кај кои се забележуваат сомнителни белези. Соработувајки со своите колеги низ однос на взаемно уважување, тој секогаш треба да биде љубезен и толерантен па, пред се, треба да се раководи од стручните аргументи и расудувања.

ЗА СТРУЧНАТА РАБОТА

Член 2

Заштитарот треба да придонесува за унапредувањето на ЗПР по пат на размена на податоци, знаења и искуства со други заштитари и студенти на ИСЗПР, како и со соработка со други здруженија, училишта, научни и стручни установи и со списанија од областа на ЗПР.

Член 3

Заштитарот не треба да ја истакнува својата работа за да омаловажи или обезвредни нечија друга бидејки тоа би значело обесчестување на својата струка. Тој треба совесно и достоинствено да учествува во јавни професионално – стручни полемики и трибини кога треба да се утврдат аргументирани научно втемелени вистини за спорни прашања или алтернативни можни решенија.

ЗА ОДНОСИТЕ СО ЈАВНОСТА

Член 4

Заштитарот треба да се стреми кон проширување на стручното знаење и треба да спречува злонамерни, нестручни или некои други неодмерени односно претерани огледи и прикази од областа на ЗПР.

Член 5

Главна обврска на заштитарот е да се грижи за сигурноста и здравјето на општеството и на вработените кои може да бидат загрозени при извршување на професионална работа и од придружните опасности на технолошкиот развој.

Член 6

Ако во своето работење заштитарот забележи негативна појава која го загрозува психофизичкиот интегритет на работниците или негативно влијае на пошироката околина должен е да превземе мерки да се отстрани таа појава. Ако тоа не успее да го стори сам должен е да се обрати на здружението или надлежните државни органи.

Член 7

Заштитарот може да изрече мислење или став само ако доволно ги познава карактерот, природата и објективните сознанија за научниот, техничко – технолошкиот или некој друг проблем, а ако учествува како сведок или вешто лице на суд, стручни комисии или други трибини, мора чесно и совесно да просудува за што всушност се работи и објективната вистина да ја изнесе во јавноста.

Член 8

Заштитарот нема да каже некоја критика или поглед во врска со кое и да било општествено прашање заради некој свој приватен интерес, ако не процени во чија полза ги кажува своите ставови.

Член 9

Заштитарот мора да се воздржи од изложување сопствен став или мислење за некои стручни прашања ако не ги познава фактите и другите објективни податоци во врска со тоа прашање.

ЗА ОДНОСИТЕ СО СТРАНКИТЕ И ВРАБОТЕНИТЕ

Член 10

Заштитарот треба да се однесува кон секоја странка или вработен стручно, правно коректно, искрено и со уважување на личната доверливост. Секогаш треба да му бидат туѓи расната и религиозна нетолеранција, партиската припадност, како и националната исклучивост.

Член 11

Заштитарот треба да биде професионално непристрасен и човечки праведен при решавањето проблеми кои настанале помеѓу соработниците, странките, вработените, работодавците и инвеститорите во текот на професионалната работа.

Член 12

Заштитарот треба јасно да ја определи својата позиција кон странките или работодавецот пред да ја преземе работата, а особено ако станува збор за купување апарати, знаење, машини и уреди и се друго од кое може да има парична или друга полза.

Член 13

Заштитарот мора да дејствува против се она што може да го загрози здравјето и животот на граѓанинот, како и градбата или постројката за која е одговорен. Ако не е непосредно одговорен мора да се потруди да ја предупреди одговорната личност со цел да се отстранат или спречат воочените опасности.

Член 14

Заштитарот кој е одговорен за работи во смисла на претходниот член, јасно треба да ги предочи последиците што би можеле да настанат заради тоа што не се спроведувале техничките упатства.

Член 15

Заштитарот треба да ја упати странката или работодавецот да ангажираат други стручни лица или специјалисти за да се обезбеди целосна заштита на интересите на странката.

Член 16

Заштитарот нема да открие или даде ниту еден податок во врска со работата или техничко – технолошката изведба без да има добиено одобрение од странката или работодавецот.

Член 17

Заштитарот нема да прифати паричен или кој и да било друг надоместок од повеќе од една странка за една дадена работа или за работи кои се однесуваат на ист предмет без согласност на заинтересираните странки.

Член 18

Заштитарот нема да прифати непосредни овластувања или потврди од изведувачите или други странки во однос кон неговиот работодавец во врска со работата за која е непосредно одговорен.

Член 19

Заштитарот, без согласност на својот работодавец, нема да биде заинтересиран за финансиската конструкција на тендерот за изведбени или други професионални работи во средината во која е вработен како заштитар. Пресуден за него ќе бидат квалитетот и стручната изработка на предложените понуди.

Член 20

Заштитарот треба навреме да го информира работодавецот или странката за какви и да било интереси во врска со работата која што ја извршува. Тој нема да си допушти каква и да е полза, која би можела да влијае на неговите одлуки во текот на изработка на задачата или на одлуките за чие донесување е задолжен.

ЗА ОДНОСИТЕ СО ДРУГИ ЗАШТИТАРИ

Член 21

Заштитарот секогаш треба да се стреми да ја заштити струката од сите недоразбирања или искривоколчени приказни во заедницата на заштитари и да е професионално – општествено одговорен поединец во јавноста.

Член 22

Заштитарот треба да го подржи начелото на сите кои учествуваат во стручната работа да им биде обезбеден и даден соодветен надоместок, а исто така и на оние кои учествуваат во општиот дел од работата кој подразбира однос со јавноста и одржување на етиката и нормите на струката.

Член 23

Заштитарот мора да се стреми да обезбедува предуслови за стручен напредок и развој на заштитарите во струката.

Член 24

Заштитарот нема да си допушти непосредно или посредно да осуди стручен углед или труд на друг заштитар без цврсти контра аргументи. Формата на изразување да биде во склад на законските прописи и моралните норми.

Член 25

Заштитарот нема да настојава да потисне друг, конкурентски заштитар од некоја зделка кога ќе дознае дека се донесени конечни одлуки. Заштитарот нема да се натпреварува со други заштитари врз база на потценување на работата или снижување на вообичаените надомести прифатени во здружението.

Член 26

Заштитарот нема да се ползува со пари или други подмитливи средства за да учествува како конкурент на други заштитари бидејки така се деградира како самата струка, така и професионално – сталешката личност на заштитарот.

Член 27

Со зачленување во Здружението, членот се обврзува во целост да се придржува кон нормите и правилата кои ги пропишува кодексот на професионална етика.

Visits: 35

Posted in ЗА НАС, Почетна.