СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ – КОВИД КАЛКУЛАТОР

КОВИД КАЛКУЛАТОР

* Прашањето за наведување на Вашите генералии (име и презиме) е опционо и не е задолжителен одговор, со пополнување на тоа поле, генералиите ќе бидат видливи на вашиот извештај.
* Со пополнување на полињата се генерира анализа во моментот на внесување на податоците и истата е достапна во реално време само за оној кој ги внесува податоците.

Повеќе од сигурно е дека во наредниот период нашата земја ќе се соочува со недостаток на вакцини против Ковид-19. Претпоставка е дека покрај глобалниот недостаток за покривање на потребите на населението во целост, здравствениот систем ќе се соочува и со недостаток за вакцинирање на одделните популациони групи утврдени со фазите и приоритетите од Планот за вакцинација донесен од Владата на РСМ. Тој недостаток веројатно ќе биде најизразен кога станува збор за вакцинирање на возрасните над 75 години, како и на оние помладите, но кои имаат сериозни коморбидитетни состојби.

Оттука, несоодветно е кон вакцинација да се пристапи без при тоа јасно да бидат дефинирани критериумите за приоритизација. Се што е спротивно на овој базичен принцип, ќе генерира неправичност и нееднаков пристап на поединците кон правото за заштита на животот и здравјето. Ова станува толку поизразено колку што е подолг периодот предвиден за комплетно завршување на вакцинацијата, посебно на вулнерабилните групи.

Во тој смисол,  веќе е јавно достапен ковид-калкулатор изработен од група експерти од Македонското здружение за заштита при работа (доктори специјалисти по медицина на труд и инжeнери по заштита на работа). Со помош на ковид-калкулаторот брзо, едноставно и прецизно се одредува ковид-возраста на секој работник/граѓанин, што зависи пред се од неговата биолошка возраст, но и од неговите ко-морбидитетни состојби (здебеленост, срцево-садовни и болести на другите системи и органи, малигни, имуно-компромитирачки болести и др.). Преку ковид-возраста понатаму се квантифицира  индивидуалната медицинската вулнерабилност за развој на (по)тешка клиничка слика и/или смрт во случај на инфекција со САРС-КоВ-2 вирусот или развој наковид-19.

Дополнително, согледувајќи дека станува збор за огромен број на луѓе од најразлични возрасни и здравствени состојби, предлагаме пресметката да се искористи за утврдување на индивидуалните приоритетите за вакцинирање на национално ниво, притоа земајќи ја вo предвид разликата меѓу биолошката и пресметаната ковид-возраст, на начин прикажан подолу:

  • А. Доколку ковид-возраста е за 10 години поголема од биолошката возраст, не постои приоритет за вакцинација во рамките на групата кон која припаѓа поединецот; вакцинацијата ќе се спроведе кога ќе има на располагање 100%  од вакцините потребни за вакцинирање на групата на која таков поединец припаѓа според Планот за вакцинација;
  • Б. Доколку ковид-возраста е за 20 години поголема од биолошката возраст, постои среден (умерен) приоритет за вакцинирање; вакцинацијата ќе се спроведе кога ќе има на располагање 75% од вакцините потребни за вакцинирање на групата на која таков поединец припаѓа според Планот за вакцинација;
  • В. Доколку ковид-возраста е за 30 години поголема од биолошката возраст, постои висок приоритет за вакцинирање; вакцинацијата ќе се спроведе кога ќе има на располагање 50% од вакцините за потребни за вакцинирање на групата на која таков поединец припаѓа според Планот за вакцинација ;
  • Г. Доколку ковид-возраста е за 30 и повеќе години поголема од биолошката возраст, постои итност за што побрзо вакцинирање; вакцинацијата ќе се спроведе со првите до 25% од вакцините што ќе бидат достапни за вакцинирање на групата на која таков поединец припаѓа според Планот за вакцинација.

Се разбира дека оваа приоритизација не може да функционира изолирано, без при тоа да се има увид во специфичниот Ковид-19 ризик на работното место, особено ако станува збор за приоритизација на вакцинацијата кај работоспособното население.

Поради тоа, Македонското здружение за заштита при работа деновиве е ангажирано на дефинирање на специфични Ковид-19 пакети за услуги од областа на безбедност и здравје на работа (БЗР) во различни стопански гранки и дејности (здравство, трговија, јавен сообраќај, услужни дејности), како и за различни специфични занимања во рамките на овие групи.

Содржината на БЗР пакети е осмислена да понуди решенија за проценка на специфичниот професионален ризик за секој работник на неговото работно место, како и да понуди приоритети за вакцинација во компанијата, што ќе се базираат на индивидуалната ковид-вулнерабилност на вработените. Овие пакети треба да им послужат на работодавачите за успешно справување со задолжителните противепидемиски мерки и  очекуваните здравствените последици на ниво на компанија (отсуство од работа, намалена/изменета работна способност, специфична реорганизација на работата, задолжителни превентивни/корективни мерки на работно место и др.), обезбедување на бизнис континуитет во работата, но и минимизирање на директните и индиректни трошоци поврзани со ковид кризата во компанијата.

Views: 2503

Posted in COVID 19, Новости.